Фото: ЕПА

Во вчерашниот број на „Нова Македонија“ пишувавме за негодувањата на властите во Киев кон западните сојузници за практикување на двојни стандарди при испораката на воена помош. Украинците веќе се прашуваат дали се оставени на цедило од страна на Западот, во ситуација кога САД не им дозволуваат употреба на оружје со долг дострел за цели во Русија, Германија ја прекинува испораката на тешка воена опрема, а Франција соопшти дека нема да им ја даде помошта од ветените три милијарди евра. Светските медиуми констатираат дека малку е веројатно оти сегашната западна поддршка ќе биде довол на за да ѝ овозможи на Украина да постигне пресврт во нејзина корист на фронтот

Украинците ја ставаат на тапет посветеноста на Западот за давање поддршка за Украина

На Украина ѝ претстои трета зима во војната против Русија, која може да биде најтешка досега, а можеби и решавачка, пишува „Геополитика“. Оптимизмот што накратко ја зафати земјата по летниот украински напредок во областа Курск полека избледува. Иако Киев сè уште ја задржува контролата врз одредени делови од таа територија, руските сили напредуваат бавно, но стабилно, исто како и во Донбас. Војната очигледно ги исцрпува двете страни, но се чини дека на Украинците побрзо им снемува сила, волја и ресурси.
Покрај војниците, од долготрајната војна сѐ повеќе се изморува и општеството. Сѐ погласни се критиките кон претседателот Володимир Зеленски и неговото раководство. Иако западните сојузници продолжуваат да го поддржуваат Киев, малку е веројатно дека оваа поддршка ќе биде доволно силна за да ѝ овозможи на Украина да постигне големи офанзивни успеси.
Американскиот претседател Џо Бајден и натаму не дозволува Украина да користи американско оружје за да нападне воени цели во Русија, додека изгледите за враќање на Доналд Трамп на претседателската функција предизвикуваат дополнителна загриженост, бидејќи републиканецот вети дека ќе ја заврши војната „во рок од 24 часа“. Висок украински функционер изјави за германски „Шпигел“ дека верува оти САД полека ќе се повлечат од конфликтот, без оглед на исходот од изборите. „Прогнозата е лоша“, рече тој, изразувајќи загриженост за падот на моралот меѓу делови на украинските трупи. „Луѓето повеќе не сакаат да одат во војна, а неправдите на војната може да го растргнат општеството“, предупреди изворот на „Шпигел“.

Стравот како кочница

И минатата недела САД отворено покажаа дека Украина веќе не е приоритет за нив, распоредувајќи напреден систем за противвоздушна одбрана во Израел за да го заштити од иранските балистички ракети, дронови и проектили, што во Киев се толкува како двоен стандард. Згора на тоа, Зеленски минатиот месец праша зошто сојузниците не донесоа одлука да соборат руски ракети над Украина, како што прават на Блискиот Исток.
Секако, една од клучните причини за претпазливиот американски пристап кон Украина лежи во фактот што Русија е нуклеарно вооружена, додека Иран не е. Американските власти истакнуваат дека испраќањето американски сили да соборат руски ракети над Украина може да предизвика директен конфликт меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот, што би имало катастрофални последици. За споредба, операцијата во Израел не вклучува противник со нуклеарно оружје, така што ризикот е значително помал.
Разочарувањето од овој пристап расте во Украина, која се чувствува како жртва на глобалните политички договори. Украинското министерство за надворешни работи ги повика партнерите да го бранат украинскиот воздушен простор со иста решителност како Израел. Сепак, нејзините сојузници во моментов даваат само индиректна поддршка, испраќајќи разузнавачки информации за претстојните напади, додека Киев бара поконкретни чекори.

Украина ги преиспитува стратегијата и целите

Очигледно Украина се соочува со длабоко преиспитување на својата стратегија, за првпат од почетокот на војната во февруари 2022 година. Во Киев почнува сериозно да се разговара за можноста за откажување од целосно враќање на териториите под контрола на Русија, кои сочинуваат речиси една петтина од земја. Високи украински функционери признаваат дека имале нереални очекувања за победа.
– Верувавме дека победата мора да значи безусловно предавање на Русија – вели украински извор.
Сепак, сега се појавува разбирање дека секој договор мора да вклучува отстапки од двете страни.
– Договорот мора да биде корисен и за Русија – додава тој.
Претстојната зима може дополнително да ја влоши ситуацијата. Русија уништи или оштети половина од капацитетот за производство на електрична енергија на Украина, а поправките се вршат со голем напор. Постои голема веројатност за продолжени прекини на електричната енергија во студените месеци, особено ако Русија продолжи да ја напаѓа критичната инфраструктура, за која Украина нема ефикасна одбрана. Претседателот Зеленски изјави дека Кремљ се обидува да ја „замрзне“ Украина и да ја принуди на потчинување.
Со оглед на оваа перспектива, не е чудно што оптимизмот на Украинците се намалува. Според некои анкети, додека во првата година од војната 80 отсто од Украинците верувале во победа, тој број сега е намален на 60 отсто. Подготвеноста за долготрајна борба исто така опаѓа, особено кај помладите генерации, кои веројатно ќе бидат повикани да се борат доколку конфликтот продолжи. Истражувањето на Меѓународниот институт за социологија во Киев покажува дека 47 отсто од граѓаните би се согласиле да ги замрзнат сегашните линии на фронтот доколку тоа ѝ дозволи на Украина да им се приклучи на ЕУ и н НАТО.

Збогатување на елитата

Исто така Зеленски се соочува со сериозни внатрешни притисоци, особено од силите што се против какви било преговори со Русија. Оваа група, опишана од политикологот Володимир Фесенко како „милитантни патриоти“, претставува значаен дел од украинското општество. Според неговите процени, таа сочинува околу една третина од населението. Поделеноста во општеството се одразува и во армијата, што уште повеќе ја отежнува ситуацијата за Зеленски доколку реши да бара компромис.
Покрај овие идеолошки поделби, годинава се интензивираа и политичките конфликти во Киев. Опозицијата сè почесто го критикува претседателот за концентрацијата на моќ во неговиот кабинет и неефикасноста во борбата против широкораспространетата корупција. Ина Совсун, пратеничка од либералната партија Холос, ги посочува проблемите со неодамнешните владини одлуки, како што е планот за изградба на нови реактори во нуклеарната централа „Хмјелницки“, која требаше да ги ублажи енергетските проблеми, што според неа е „апсолутно ужасна идеја“.
Совсун посочува и дека земјата е соочена со осиромашени и фрустрирани граѓани, а парите се вложуваат во проекти што ќе траат со години, за кои Украинката смета дека само ќе овозможат дополнително збогатување на елитата. Таа е сигурна дека ваквите проекти ќе бидат полни со корупција, а клучните одлуки, како што тврди, ги носи кабинетот на претседателот.

Европска војна

„Изгледите за Украина, а со тоа и за Европа, изгледаат слабо“, објавува аналитичкиот центар за одбрана и безбедност РУСИ, со седиште во Лондон, признавајќи дека „Путин наскоро може да прогласи победа“. Британската организација потоа прашува: „Што би значело да се предаде Украина? На крајот, таа може да задржи 82 отсто од својата територија, со помош на Западот за обнова на инфраструктурата. Можно е патот кон членство во ЕУ да ѝ биде отворен, освен ако тој пат не биде договорен на преговарачка маса. Сепак, приклучувањето кон западниот клуб може да ја изгуби својата привлечност. Украинските олигарси може да се вратат на власт, заменувајќи го ентузијазмот на генерацијата Мајдан со цинизмот на постсоветското наследство. Исто така, би имало ризик за антагонизам кон оние што се вратиле од странство по бегството од војната, како и кон илјадниците ужалени семејства“.
РУСИ потоа истакнува дека „оваа војна требало да биде европска“.
– И покрај децениските европски дебати за одбраната, потпирањето на американската поддршка се покажа премногу згодно. Па така, Европа стана заробеник на американските политички циклуси и ги избегна тешките одлуки, како што се зголемувањето на трошоците за одбрана и политиката на конфискација на замрзнатите средства. Она што ѝ преостанува на Европа сега е да обезбеди место на преговарачката маса и да се бори за членството на Украина во НАТО како дел од секое идно решение – се наведува во анализата на РУСИ.
Ако не успее тоа, сугерира РУСИ, „Западот ќе се соочи со години на покајание за разочарувањето на храбрите Украинци, чие единствено злосторство беше желбата да се приклучат на западниот демократски поредок“.

„Планот за победа“ личи на список на желби

И покрај тоа што неговите западни партнери се можни „предавници“, Киев сè уште ги пренесува аспирациите за влез во овој клуб. Па така, Зеленски во средата го претстави својот долгоочекуван „план за победа“, содржан во пет клучни точки. Првата и најважна е „итно пристапување во НАТО“. Следува „префрлање на борбите на руска територија“ (што вклучува употреба на оружје со долг дострел и западна поддршка во соборувањето руски ракети и беспилотни летала), „сеопфатен ненуклеарен стратегиски пакет“, „употреба на природни ресурси, како што се ураниум, титаниум и литиум, како основа за економски раст во соработка со ЕУ и САД“ (со тоа продажба на национални средства на мултинационални корпорации) и „изградба на повоена безбедносна рамка во која украинската армија ќе придонесе за безбедноста на НАТО и Европа (накратко, воспоставување постојана милитаризирана зона).
Дополнително, планот содржи три тајни додатоци што не се достапни за јавноста, но се наведени како клучни за спроведување на стратегијата. Зеленски нагласи дека планот бара итна акција и единство меѓу сојузниците на Украина и изрази уверување дека неговата имплементација може да резултира со крај на војната веќе следната година.
Сепак, постои еден фундаментален проблем со овој „план“ – кој повеќе личи на листа на желби. Имено, добар дел од овие апели веќе е отфрлен од Западот. На пример, влезот во НАТО е невозможен бидејќи автоматски би го активирал членот пет, што би значело итна сојузничка војна со Русија (која, за среќа, никој не ја сака). Потоа, тука е барањето за длабоки удари против Русија, што Вашингтон неодамна го одби, како и заедничка противвоздушна одбрана. Очигледно овој документ не е „план за победа“, туку само изговор за поразот на земјата, која, за жал, е уништена, заклучува „Геополитика“. Р.С.