Главниот град на Украина, Киев, смени имиња на 95 улици како дел од кампањата за „прочистување“ од руските и советските називи, објави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
– Новите имиња треба да го овековечат сеќавањето на значајните историски настани на Украина, како и на познати личности и херои кои ја прославија Украина и се бореа за независноста на нашата земја – објави Кличко на Телеграм.
Според него, процесот на отстранување на руските имиња е далеку од завршен и вети дека ќе продолжи со таква кампања. Една од главните улици на Киев сега се нарекува Лондон, додека друга беше наречена Преродба на Украина. Друга улица веќе го носи името – Азов.
Улиците во главниот град на Украина именувани по руските писатели од 19 век, како што се Александар Пушкин, Лав Толстој, Антон Чехов, Иван Тургенев и Михаил Лермонтов, добија нови имиња. Истата неславна судбина ги снајде дури и филозофите со германско потекло, Карл Маркс и Фридрих Енгелс, по кои беа именувани многу улици низ Советскиот Сојуз. Други имиња кои повеќе не ги красат улиците на главниот град на Украина се оние на советските воени водачи од Втората светска војна, како и оние кои се однесуваат на руските градови како Москва, Ростов-на-Дон и Магнитогорск. Иако е роден во Киев, без улица остана и рускиот писател Михаил Булгаков, еден од најголемите писатели на Советскиот Сојуз.