Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев изјави дека војниците на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводени од Русија, ќе почнат да се повлекуваат од Казахстан – пренесе Радио Слободна Европа.
Воен контингент на ОДКБ пристигна во Казахстан на 6 јануари, откако раководството на земјата побара воена помош од блокот предводен од Русија, поради насилните немири.
Протестите предизвикани од поскапувањето на горивото прераснаа во трагични немири за време на кои безбедносните сили и демонстрантите се судрија на улиците низ земјата.
Во соопштение на ОДКБ, сојуз кој го сочинуваат Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Ерменија и Таџикистан, се наведува дека повлекувањето на околу 2.000 војници од Казахстан треба да трае десет дена. Засега не е познат точниот број на загинати во немирите.
Казахстанските медиуми денеска објавиле дека се приведени уште 1.700 лица, со што вкупниот број на уапсени за време на немирите достигна речиси 10.000.