Фото: Нова Македонија

ЕУ усвои буџет вреден 200 милијарди евра

Со сума од 200 милијарди евра, буџетот на ЕУ за 2025 година е за шест отсто поголем од годинашниот, што значи зголемување од 10 милијарди евра. Тој одговара на потребите на Европејците, а истовремено може да врши враќање на парите за постпандемиското економско закрепнување на Унијата без да ги намали клучните програми, наведува Романецот Виктор Негреску, потпретседател на Европскиот парламент, член на Групата на социјалистите и демократите и водечки преговарач на Европарламентот за буџетот на ЕУ за 2025 година, пренесува „Еурактив“.
– Во услови на исклучително тежок политички контекст, постигнавме извонреден успех – буџетот на ЕУ за 2025 година ќе биде за шест отсто повисок од сегашниот годишен буџет, што значи зголемување од 10 милијарди евра. Ги зачувавме нашите програми и се погриживме отплатата на долговите да не биде на штета на нашите програми на Унијата. Политичкиот договор сега треба да биде одобрен на пленарната седница во Стразбур следната недела – објаснува Негреску, нагласувајќи дека Европскиот совет предложил нето-намалување на обврските во износ од 1,5 милијарда евра.
Во просек, секој од годишните буџети во последните неколку години варира помеѓу 160 и 180 милијарди евра, што е споредливо со националниот буџет на Данска, кој опслужува 5,6 милиони луѓе, додека вкупното население на ЕУ изнесува околу 450 милиони.
– Без сигурно финансирање за секоја политика на ЕУ, сите обврски се осудени да останат само желби. Цело време јас и мојата политичка група – социјалистите и демократите – мислевме на буџетот на ЕУ за 2025 година како инвестициски инструмент. Не само во мерките и инфраструктурата што ќе ја поттикнат нашата економија и конкурентноста на ЕУ, благосостојбата и безбедноста на сите нас, туку и во финансирањето на нашето закрепнување од пандемијата на ковид-19. Со создавањето на следната генерација на ЕУ (НГЕУ), Унијата покажа дека подобро и побрзо реагираме на соочувањето со предизвиците кога 27-те земји членки дејствуваат заедно на координиран начин наместо да ги остават националните влади сами во справувањето со кризата – заклучува Негреску.
Меѓу приоритетите за финансирање со 200-те милијарди евра следната година спаѓаат: истражување и иновации, здравство, образование, земјоделство, регионален развој, одбрана и безбедност, управување со миграцијата и поддршка за азил, помош за заедниците погодени од природни катастрофи, како и целосно проширување на шенген-зоната кон Романија и Бугарија. Р.С.


Одредени три милијарди евра за закрепнување од природни непогоди

Последната фаза од преговорите за новиот буџет на ЕУ се совпадна со катастрофалните поплави во Валенсија, Шпанија, што се надоврза на ситуацијата со поплавите во Романија и Централна Европа и со шумските пожари низ Јужна Европа. Затоа е одредено да бидат достапни три милијарди евра за да се обезбеди поддршка за регионите погодени од природни катастрофи со опција земјите членки да користат до 10 отсто од постојните фондови на кохезионата политика за спречување и закрепнување од такви катастрофи. Р.С.