Дијалогот меѓу експертските групи на Русија и САД, што се одржа вчера во Саудиска Арабија, беше тежок, но корисен за двете страни, а преговорите ќе продолжат со меѓународно посредништво, изјави Григориј Карасин, шеф на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Федерацијата.
– Се разговараше за многу прашања. Дијалогот беше напорен, но многу корисен. Иако не беше сè решено, самиот факт дека средбата се одржа е од големо значење, особено во контекст на доаѓањето на новата администрација и политичарите кои учествуваа во разговорите – изјави Карасин за ТАСС.
Според него, преговорите ќе продолжат со учество на меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации и одредени држави.
– Останува впечатокот дека ова беше конструктивен дијалог, кој е неопходен и корисен за двете страни. Американците исто така покажаа интерес за продолжување на разговорите – додаде Карасин.
Делегациите на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави синоќа по повеќе од 12 часа ги завршија разговорите во Саудиска Арабија и го договорија текстот на заедничката изјава што се очекува денеска да ја објават Кремљ и Белата куќа.
Како што претходно соопшти Кремљ, средбата главно била посветена на Црноморската иницијатива, која беше и тема на разговор за време на последниот телефонски разговор меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп на 18 март.
Советникот за национална безбедност Мајкл Валц претходно потврди дека делегациите ќе се фокусираат на прашањето за прекин на непријателствата во Црното Море. Тој изјави дека во следната фаза од преговорите, Русија и САД ќе разговараат за прашања поврзани со верификацијата на примирјето, мировен контингент, како и сопственоста на територии.