Германскиот канцелар Мерц во Берлин со воени почести го прими украинскиот претседател Зеленски / Фото: ЕПА

Германија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц веќе неколкупати нагласува во јавноста дека „Украина може да се увери во континуираната поддршка од Германија“. Меѓутоа, деновиве, Мерц додаде интензитет на поддршката на Украина, изненадувајќи ја јавноста, која сака судирот во Украина што побргу да заврши. Имено, Мерц иницираше идеи на поддршка што излегуваат од рамките на миротворството. Тој предизвика внимание со изјавата дека „нема да има веќе никакви ограничувања на дострелот за испорачаното оружје на Украина, отсликувајќи го тоа со зборовите: „Земја што може да му се спротивстави на агресорот само на своја територија, не се брани соодветно“.

Аналитичарите веќе го поставуваат прашањето – дали Германија ќе испорача ракети со долг дострел „таурус“?

Дали Германија ќе испорача ракети со долг дострел „таурус“?! На ова прашање сѐ уште се очекува одговор и по вчерашната официјална средба, на која Мерц во Берлин со воени почести го прими украинскиот претседател Зеленски.
Владиниот портпарол на Германија, Штефан Корнелиус, вчераутро ја најави средбата со зборовите: „Посетата ќе се фокусира на германската поддршка за Украина и напорите за постигнување прекин на огнот со Русија“.
Средбата на Мерц и Зеленски со новинарите беше предвидена за вчера во доцните попладневни часови. Потоа, навечер, Зеленски требаше да се сретне со сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во палатата „Белви“.
За потсетување, Фридрих Мерц го посети Зеленски во Киев веднаш по преземањето на функцијата германски канцелар, пред речиси три недели – заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и полскиот премиер Доналд Туск. На средбата беа само загатнати новите форми на поддршка на Украина од страна на т.н. Коалиција на подготвените, вклучително и за доставување на оружјата за долг дострел за Украина. Но токму таквите ставови, според аналитичарите, не водат кон мировни преговори, туку напротив, кон ескалација на воениот судир во Украина. За ваквите тенденции, од Вашингтон нема согласност.

Мерц: Очекувам дека можеби ќе треба да се подготвиме дека
војната ќе трае подолго време

Канцеларот Мерц сега очигледно го гледа можниот крај на војната како далечна перспектива. Војните обично завршуваат поради економска или воена исцрпеност на едната или на двете страни, рече тој за време на посетата на Финска.
– Очигледно уште сме далеку од тоа во оваа војна. Затоа очекувам дека можеби ќе треба да се подготвиме дека таа ќе трае подолго време – рече германскиот канцелар Мерц.
Во меѓувреме, Украина продолжува да се соочува со тешка ситуација. Само во неделата, Зеленски зборуваше за најлошите состојби за украинската војска од почетокот на војната, откако дванаесет лица беа убиени во руските напади со речиси 300 дрона и околу 70 проектили врз неколку региони на Украина. На ова се дополнува тешката ситуација на фронтот за украинската армија. Особено на истокот и југозападот на земјата, трупите се под зголемен притисок поради рускиот напредок. Р.С.