Фото: ЕПА

Премиерите на Канада и петте нордиски земји – Норвешка, Шведска, Данска, Финска и Исланд – на состанокот во Осло постигнаа договор за продлабочување на соработката во воено-индустриското производство, со цел зајакнување на колективната одбрана, безбедноста и отпорноста на нивните држави.

Во заедничката изјава по средбата се наведува дека шесте држави ќе продолжат да обезбедуваат економска, цивилна, воена и хуманитарна поддршка за Украина. Според норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, продлабочената соработка меѓу земјите ќе придонесе за поголема безбедност, но и ќе отвори нови можности за економски развој.

Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека светскиот поредок се менува и дека е потребно да се изгради нов систем заснован на заедничките вредности на демократските држави. Таа нагласи дека во вакви околности е важно партнерските земји да останат обединети.

Лидерите на шесте држави се договорија и да ја зајакнат колективната одбрана преку поблиска соработка во набавките за одбраната. Според канадскиот премиер Марк Карни, координираните набавки ќе овозможат поефикасно трошење на средствата и подобра заштита на граѓаните. Тој посочи дека иако значителен дел од воената опрема и натаму се набавува од САД, земјите ќе се стремат кон поголема соработка со партнерските држави.

На состанокот било истакнато и дека Русија претставува главна безбедносна закана во арктичкиот регион, додека на подолг рок, според Сторе, потенцијален фактор може да биде и Кина.

Во заедничката изјава лидерите ја потврдија својата посветеност на меѓународното право и соработката во време на зголемени геополитички тензии, војни и повеќекратни глобални кризи. Фредериксен нагласи дека земјите мора да останат обединети во услови на војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток.

Таа воедно ѝ се заблагодари на Канада за поддршката во ситуација кога, како што рече, Данска се соочува со „неприфатлив притисок“ од американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд.

Канадскиот премиер Карни посочи дека државите се соочуваат со сè поголем број безбедносни предизвици, вклучително и оние поврзани со безбедноста на Арктикот, променливата природа на војувањето и влијанието на новите технологии врз конфликтите.

Финскиот премиер Петери Орпо, пак, изјави дека Финска нема намера да распоредува нуклеарно оружје на својата територија, приклучувајќи се кон сличната политика на соседните земји.

Средбата со нордиските лидери претставува дел од пошироките напори на канадскиот премиер Карни да изгради нови глобални сојузи и да ја намали зависноста на Канада од САД. Во таа насока, тој се залага за продлабочување на односите со Европа, Индија, Кина и земјите од Блискиот Исток, со цел создавање трговски систем предводен од, како што ги нарекува, „средни сили“.