Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, изјави дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја „поделат Европа“ и дека не ја „сакаат Европската Унија“, во интервју за „Фајненшал тајмс“.
Нејзините коментари доаѓаат по повеќе од една година тензии во трансатлантските односи.
– Она што мислам дека е важно сите да го разберат е дека САД беа многу јасни дека сакаат да ја поделат Европа. Тие не ја сакаат Европската Унија – изјави Калас за весникот, а пренесе „Ројтерс“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, често ја критикува ЕУ во својот втор мандат. Неговата администрација воведе царини за земјите-членки на Европската унија, а во неколку наврати ја отвори и темата за анексија на Гренланд, потег што според дел од аналитичарите, би можел сериозно да ја разниша алијансата на НАТО.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп започна нови трговски истраги против ЕУ и други земји, вклучувајќи ги Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореа и Мексико, поради наводни нефер трговски практики.
Според истрагите, овие земји би можеле да се соочат со нови царини до летото, откако Врховниот суд на САД минатиот месец укина значителен дел од претходната царинска програма на Трамп.
Калас оцени дека пристапот на Вашингтон кон ЕУ потсетува на тактиките што ги користат противниците на блокот. Таа ги повика европските држави да не се обидуваат поединечно да преговараат со американскиот претседател, туку да настапуваат заеднички.
– Кога сме обединети, ние сме еднаква сила – изјави таа.
Во однос на одбраната, Калас призна дека Европа сè уште нема доволно сопствени капацитети и дека ЕУ ќе продолжи да купува воена опрема од САД, но нагласи дека блокот мора повеќе да инвестира во развој на сопствената одбранбена индустрија.
































