Анализа на Си-ен-ен

Вчера рано наутро по локално време, САД, Велика Британија и нивните сојузници извршија напади врз повеќе од 60 цели на 16 локации што ги користат Хутите во Јемен. Ова е прв напад врз Хутите откако групата почна да напаѓа со беспилотни летала и проектили врз товарни бродови во Црвено Море во ноември. Хутите велат дека САД и Велика Британија ќе платат висока цена „за бесрамната агресија“. Целите на нападот вклучуваат командни и контролни центри, складишта за муниција, системи за лансирање, производствени капацитети и противвоздушни радарски системи, се вели во соопштението на американското воено воздухопловство. Во нападите беа користени повеќе од 100 проектили со прецизно наведување. Официјални лица рекоа дека нападите биле извршени со авиони, бродови и подморници и дека Австралија, Канада, Бахреин и Холандија ја поддржуваат операцијата

По повеќекратните предупредувања, силите на Соединетите Американски Држави и британските сили ги реализираа заканите дека ќе им се одмаздат на бунтовниците Хути поддржани од Иран за нивните напади врз трговски бродови во Црвено Море. Под превезот на темнината тие лансираа проектили и бомби врз цели во Јемен од воздух и море, во текот на ноќта, во петокот. Што знаеме за оружјето и воениот хардвер што го користат САД и Обединетото Кралство.

Ракети „томахавк“

Ракетите за копнени напади „томахавк“ (ТЛАМ) на американската морнарица се крстосувачки ракети со ниско летање, способни да испорачаат конвенционална боева глава од 1.000 фунти стотици милји во внатрешноста. Лансирани од бродови или од подморници, „томахавките“ летаат со подзвучни брзини на „евазивни“ или нелинеарни маршрути, кои можат да ги избегнат системите за противвоздушна одбрана, се вели во информативното гласило на американската морнарица. „Томахавките“ се многу прецизни и бидејќи се водени со ГПС, тие можат да ги менуваат целите или курсевите по лансирањето во зависност од потребите, се вели во него.
– Ракетата е способна да се движи над целната област за да одговори на нови цели што би се појавиле или, со вградената камера, да обезбеди информации за штети во битката за командантите во борбите – се вели во информативното гласило.
Соединетите Американски Држави првпат користеа „томахавки“ во борба во 1991 година, за време на операцијата „Пустинска бура“ против силите на тогашниот ирачки диктатор Садам Хусеин и оттогаш тие се користени во неколку други конфликти.

Подморницата „УСС Флорида“ со наведувани ракети

Подморницата „УСС Флорида“ е една од четирите подморници со наведувани проектили со нуклеарен погон (ССГН) во флотата на американската морнарица.
Оригинално подморница со балистички ракети од класата „Охајо“ – која носи нуклеарни боеви глави – „Флорида“ и нејзините сестрински чамци „УСС Охајо“, „УСС Мичиген“ и „УСС Џорџија“, беа претворени во подморници со наведувани ракети помеѓу 2005 и 2007 година, според информативното гласило на морнарицата.
Релативно големата големина и моќта на подморницата ѝ овозможуваат да носи 154 крстосувачки ракети „томахавк“, 50 отсто повеќе од пакетот американски разурнувачи со наведувани ракети и речиси четири пати повеќе од најновите нападни подморници на американската морнарица.
– ССГН може да испорача многу огнена моќ многу брзо – изјави за Си-ен-ен во 2021 година Карл Шустер, поранешен капетан на морнарицата и директор на операции во Заедничкиот разузнавачки центар на американската Пацифичка команда.
– Сто педесет и четири „томахавки“ прецизно даваат многу удари. Ниту еден противник на САД не може да ја игнорира заканата – рече тој.
Големината на таа огнена моќ беше прикажана во март 2011 година, кога „УСС Флорида“ истрела речиси 100 „томахавки“ против цели во Либија за време на операцијата „Одисеја зора“. Тој напад го означи првиот пат кога ССГН беа користени во борба.
Флорида е управувана од нуклеарен реактор, кој обезбедува пареа за две турбини, кои го вртат пропелерот на подморницата. Морнарицата го нарекува нејзиниот опсег „неограничен“, поради способноста да остане под вода колку што треба, а единствено ограничување е потребата да се дополнат резервите со храна за нејзиниот екипаж.

Разурнувачи на наведувани ракети на американската морнарица

Пентагон соопшти дека, покрај „Флорида“, и американски бродови исто така лансирале „томахавки“ против Хутите. Основата на површинската флота на американската морнарица е разурнувачот со наведувани проектили од класата „Арли Бурк“, со речиси 70 пловила во функција. Со носивост до 9.700 тони, секој разурнувач од класата „Бурк“ носи големо вооружување, и одбранбено и офанзивно.
Разурнувачите лансираат крстосувачки ракети „томахавк“ со нивниот систем за вертикално лансирање (ВЛС), при што секој од нив има од 90 до 96 ВЛС-ќелии, во зависност од тоа кога е изграден.
Пентагон не соопшти кои конкретни разурнувачи биле вклучени во нападите врз Јемен, но неколку од воените бродови биле во Црвено Море во изминатите два месеца за да ги бранат комерцијалните бродови од беспилотни летала и ракетни напади на Хутите.

Ловци „тајфун“ од Британија

Двомоторните млазни авиони со само еден пилот се главен столб на воздушната флота на Обединетото Кралство. Тие летаат со брзини од 1,8 мах и до височина од 55.000 стапки (над 16.700 метри), според информативното гласило на Кралското воздухопловство.
Развиени од конзорциум од одбранбени фирми за да обезбедат повеќенаменски ловци на повеќе нации на НАТО, тие се исто така робусни платформи за оружје, способни да носат голем број ракети воздух – воздух и воздух – земја, како и прецизно наведувани бомби.
Министерството за одбрана на Обединетото Кралство соопшти дека четирите авиони вклучени во нападот врз цели на Хутите исфрлиле „пејвеј IV“, бомби со боеви глави од 500 фунти (над 226 кг). „Пејвеј IV“ има опашки перки што помагаат да се води до целта врз основа на насоките што оружјето ги добива или од ласерско означување или преку ГПС-координати што му се пренесуваат.
Британските „тајфуни“ беа поддржани од танкер за полнење гориво „Војаџер“, кој им овозможува на авионите да летаат на подолги растојанија. Министерството за одбрана на Обединетото Кралство не соопшти од каде полетале авионите. Но видеоснимката објавена од министерот за одбрана Грант Шапс покажува како полетува „тајфун“ ноќе од копнена писта.