Самодовербата на израелската армија и безбедносните служби, кои во изминатите неколку недели им нанесоа силни удари на регионалните ривали, крие незгоден факт – дека Израел дури сега успеа да ја смени рамнотежата на силите во четиридецениското соочување со либанската милитантна група Хезболах
Во војната против Хезболах во 2006 година Израел трипати се обиде да го убие Хасан Насрала. Еден воздушен напад не ја погоди целта откако лидерот на Хезболах претходно ја напуштил локацијата, а при другите два обида не успеаја да го пробијат неговиот подземен бункер. Во петокот ситуацијата се смени. Израелците дознаа дека Насрала е во подземен бункер под станбен комплекс во јужен Бејрут, Либан, и потоа исфрлија до 80 бомби за да се осигурат во ликвидацијата на Насрала, според израелските медиуми.
– Ќе стигнеме до сите, насекаде – се пофали израелскиот пилот од борбениот авион Ф-15 што го изврши воздушниот напад во кој беа уништени најмалку четири станбени згради.
Самодовербата на израелската армија и безбедносните служби, кои во изминатите неколку недели им нанесоа силни удари на регионалните ривали, крие незгоден факт – дека Израел дури сега успеа да ја смени рамнотежата на силите во четиридецениското соочување со либанската милитантна група Хезболах, забележува „Фајненшл тајмс“.
„Крт“ им ја открил на Израелците локацијата на Насрала?
Насрала беше исклучително внимателен за организацијата на неговата безбедност и ретко се појавуваше во јавност, со што ретко имаше сознанија за неговите активности, пренесуваат светските медиуми.
Но разузнавачкото продирање во структурите на Хезболах беше толку длабоко, што Израел знаел дека Насрала и други водечки членови на организацијата ќе се сретнат на наводно тајна локација.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од Њујорк требало да даде дозвола за спроведување на нападот, со што имало малку време на располагање за одлуката.
Според неофицијален извештај во францускиот весник „Паризиен“, „кртот“ што ги информирал Израелците дека Насрала е на пат кон бункерот наводно бил Иранец. Ако таквата информација е вистинита, тоа е изненадувачки, бидејќи Иран важи за главен поддржувач на Хезболах. Извештајот сугерира дека Израелците со денови ја надгледувале локацијата на нападот, подготвувајќи големо количество експлозив.
Се отвора прашањето зошто Насрала имал потреба да се сретне лично со други членови на Хезболах. Особено ако се земе предвид дека Израел ги засили активностите во конфликтот со либанските милитанти во изминатите недели, вклучувајќи ја и саботажата на пејџерите, воки-токијата и другите комуникациски уреди на Хезболах.
Дводецениски разузнавачки напори на Израел фокусирани кон Хезболах
Израел помина 20 години фокусирајќи ги разузнавачите напори врз Хезболах и можеше да удри врз Насрала кога и сака, вклучувајќи го неговиот штаб, кажа извор на „Ројтерс“, опишувајќи го израелското разузнавање како „извонредно“. Новинската агенција контактираше со повеќемина соговорници од Либан, Израел, Иран и од Сирија, за да дознае информации за штетата што Израелците ѝ ја нанеле на шиитската милитантна група од Либан, вклучувајќи ги нејзините канали на снабдување и командната структура.
Израелското разузнавање речиси една деценија го нарекуваше Хезболах „терористичка армија“ наместо терористичка група. Таквиот концепт барал детално проучување на Хезболах, како на пример што е случајот со сириската армија. На тој начин Израелците успеале да создадат детална разузнавачка слика за структурите на организацијата – за тоа кој бил задолжен за операциите на Хезболах, кој добивал унапредување, кој бил корумпиран и кој штотуку се вратил од необјаснето патување.
Метју Савил, воен аналитичар во институтот РУСИ, вели дека Израел веројатно „потрошил години градејќи и одржувајќи сеопфатна разузнавачка слика“ за Хезболах, вклучувајќи „елемент на човечки извори, за таа да биде актуелна“.
Израелската армија соопшти дека годинава убила осум од деветте главни воени команданти на Хезболах, од кои повеќето биле ликвидирани неделава. Се смета дека убиените воени водачи на милитантната група командувале со ракетните дивизии и со елитните сили на Хезболах.
– Ова е огромен удар и неуспех на разузнавањето за Хезболах. Израелците знаеја дека Насрала одржува состаноци. Тој се состана со други команданти. И тие само тргнаа по него – истакна Магнус Рансторп, експерт на Хезболах на Шведскиот универзитет за одбрана.
Сега е јасно дека Израел во изминативе две недели развивал оркестриран план за напад и уништување на военото раководство на Хезболах, од нападите преку експлозивните пејџери и други комуникациски уреди до неколкуте рунди воздушни напади. Успехот на Израел во ликвидацијата на Насрала и другите лидери на Хезболах претставува голема спротивност во однос на погрешните процени на израелското разузнавање на намерите на Хамас пред 7 октомври, заклучуваат безбедносните експерти. Р.С.
Роднина на Насрала веќе се спомнува како негов можен наследник
Треба да се истакне дека Хезболах досега покажа способност брзо да ги замени лидерите, со што роднината на Насрала, Хашим Сафиедин, веќе се спомнува како негов можен наследник.
– Хезболах не исчезна во последните 10 дена – ние ги оштетивме и деградиравме и тие се во фаза на хаос и жалост. Но тие сè уште имаат многу способности, кои се многу заканувачки – вели поранешната разузнавачка Мири Ејсин во изјава за „Фајненшл тајмс“.
Се проценува дека Хезболах имаше околу 40 илјади припадници во пресрет на актуелниот конфликт со Израел, вклучувајќи и големи количества вооружување, меѓу кои и арсенал од 150 илјади ракети и дронови. Згора, се смета оти располага и со комплексна мрежа на тунели во близината на либанско-израелската граница.
Израелските сили го елиминираа и лидерот на Хамас во Либан
Лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин, загина заедно со неколку члена на семејството при израелски напад врз јужниот дел на земјата.
Палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) соопшти дека тројца нејзини членови се убиени при израелски напад врз центарот на Бејрут, пред соопштението на Хамас за смртта на Амин.
Се смета дека во израелскиот напад загинале член на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел на Хамас, Мохамед Абед Ал-Ал, член на воениот оддел и воената команда во Либан, Имад Одех, и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.