Шумските пожари што дополнително ги засилуваат силните ветрови голтаат соседство по соседство во Лос Анџелес. Бројот на загинати расте, десетици илјади бегаат да си ги спасат животите, а пожарникарите даваат се од себе за да ги запрат пожарите.
Началникот на пожарникарите во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, изјави дека тие не се подготвени за ваков тип на катастрофа.
-Нема доволно пожарникари во целата област за да се справат со четири одделни пожари од оваа големина – рече тој, додавајќи дека тие биле подготвени за еден или два пожари, но не и за четирите што ги имаше во средата.
Голем дел од граѓаните за ова ја обвинуваат градоначалничката Карен Бас. Според Њујорк пост, неколку месеци пред пожарите да го претворат градот во незамислив пекол, таа го намалила буџетот на протипожарната служба за драстични 17,6 милиони долари. Ова е второ најголемо намалување на финансирањето во нејзиниот буџет за фискалната 2024/2025 година. Во исто време, буџетот на полицијата е зголемен за 126 милиони долари, што предизвика дополнителен сомнеж кај граѓаните кои сметаат дека приоритетите се погрешни.
Намалувањето на буџетот на пожарникарската служба наиде на дополнителна јавна осуда откако градоначалникот беше во Африка на инаугурацијата на претседателот на Гана, додека пожарите беснееја и го опустошија градот. Во нејзино отсуство, Бас објави порака на социјалните мрежи во која ги пофали пожарникарите и итните служби за нивната работа. Но, на граѓаните тоа им беше непримерно, прашувајќи се како е можно градоначалничката да не била присутна во моментот кога нејзиниот град бил во пламен.
Бидејќи пожарите продолжија да се закануваат, пожарникарите пријавија недостиг на вода што дополнително ги отежна нивните напори за гаснење. Во луксузните населби како Пацифик Палисејдс, дури и противпожарните хидранти пресушија.
-Го доведовме системот до неговите граници. Се бориме со огнот со градските водни системи – рече Џенис Кинонес, извршен директор на Одделот за вода и електрична енергија во Лос Анџелес.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го обвини гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом за проблемот со недостигот на вода, тврдејќи дека требало да потпише декларација за испраќање повеќе вода низ државата за да се спречи ситуацијата.