Во голема полициска акција спроведена изминатите неколку денови во повеќе земји, зад решетки се најдоа припадници на балканскиот картел. Меѓу имињата на 18 уапсени во акцијата на Европол, која резултираше со разбивање на криминалната мрежа за шверц на кокаин од Јужна Америка во ЕУ, покрај генералот на ХВО, Здравко Шагољ, се наоѓа и она на Младен Паповиќ, директор на ЈГСП(јавно градско сообраќајно претпријатие) во Нови Сад. Во Србија апсењата се случија во Белград, Ниш, Нови Сад и Сремска Митровица. Еден од уапсените таму е член на озлогласените „Пинк Пантери“ кој побегнал од затвор откако бил осуден, а некои имаат досие уште од раните 2000-ти. На територијата на Еквадор е уапсен С.Ј.(45), исто така државјанин на Србија, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија.
При претрес на становите на осомничените членови на организираната група, кои беа уапсени на територијата на Србија, полицијата пронашла оружје и поголема количина муниција. Криминалната група поткупила и повеќе цариници за да избегне полициска и царинска контрола во логистичката фаза на извозот.
Во соработка со Франција, Белгија, Холандија и со поддршка на Единицата за дрога на Европол, Србија успеа да ги идентификува клучните членови на меѓународна криминална организација на нејзината територија и да ги мапира нивните криминални активности низ светот. Се верува дека оваа криминална организација е поврзана со голема криминална мрежа која увезува повеќетонски пратки кокаин од Колумбија преку Бразил и Еквадор.
Оваа меѓународна криминална истрага произлезе од заплената на повеќе од половина тон кокаин во март 2021 година во пристаништето Плоче. Имено, тогаш беше запленет половина тон кокаин, но значајно беше што никој не се појави да ја подигне дрогата, па оправдано се сомневаше дека некој го известил нарко картелот дека може да „паднат“ доколку дојдат да ја подигнат дрогата. За многу кратко време тоа беше веќе трета заплена на големо количество кокаин во пристаништето Плоче.