Фрустрацијата со неможноста на канадската полиција за отстранување на блокадите на границата како и во Отава, придружени со глетката на демонстрантите кои се бањаат во када поставена во близина на канадскиот парламент го принудија премиерот Џастин Трудо да побара активирање на овластувањата за итни случаи, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на упатени извори. А дискусиите за неговиот потег веќе навлегоа во третиот ден.
– Полицијата во Виндзор на некој начин ја допушти ваквата ситуација – вели еден од изворите на „Ројтерс“, додавајќи дека полицијата побарала и дополнителни ресурси што властите го одобриле.
Се наведува дека полицијата стоела настрана додека демонстрантите се бањале во када и се забавувале доцна во ноќта пред парламентот, односно пред кабинетот на Трудо. А шефот на полицијата, Питер Слоли, потоа поднел оставка по критиките за дејствувањето на полициските сили.
– Премиерот стануваше прилично лут. Кажа дека треба да реагираме – кажа еден од изворите на „Ројтерс“, а друг додаде дека „Трудо барал решенија“ за ситуацијата.
Блокадата на мостот „Амбасадор“ помеѓу Детроит и Виндзор, кој е клучен за трговската размена помеѓу САД и Канада, доведе до привремено затворање на неколку фабрики за автомобили пред полицијата да ја расчисти во неделата, шест дена откако беше поставена и по телефонски повик на американскиот претседател Џо Бајден до Трудо.
Во меѓувреме демонстрантите кои парализираа делови на Отава уште од 28 јануари стануваат се подобро утврдени на нивните позиии. Во протестот на т.н. „Конвој на слободата“ учествуваат околу 360 камиони и возила, односно неколку стотици демонстранти поддржани финансиски од донатори од САД и од Канада.
Повод за протестот беше револтот против барањето на канадските власти за вакцинација на возачите на камиони кои ја минуваат границата со САД, но прерасна во поширок облик на негодување против превентивните мерки, односно против владата на Трудо.