Фото: Пиксабеј

Во Франција во 2023 година се регистрирани приближно 68.000 смртни случаи поради тутун, главно од рак, но и од кардиоваскуларни и респираторни болести, што и понатаму претставува преголемо оптоварување за јавното здравје, покажуваат најновите податоци на Јавното здравство на Франција (СпФ).

-Три четвртини од овие 68.021 предвремени смртни случаи се однесуваа на машката популација. Пушењето предизвика смрт кај 49.361 маж и 18.660 жени, што претставува 16 отсто од смртните случаи кај мажите, 6 отсто кај жените и 11 отсто вкупно – се наведува во соопштението на СпФ, пренесува Фигаро.

Се напоменува дека ова е помалку отколку во 2015 година, кога 75.000 смртни случаи му беа припишани на пушењето, што се објаснува со постепеното исчезнување на генерациите „кои историски најмногу пушеле“, но и поради користењето параметри кои вклучуваат понови податоци.

-Како резултат на превентивните политики, овој ограничен пад не ги менува размерите на здравствениот проблем со пушењето, кое значително ги влошува општествените нееднаквости во здравството – соопшти Националниот комитет против пушењето (CNCT) во соопштение за јавноста.

Во 2023 година, ракот бил причина за 58 отсто од смртните случаи поврзани со тутунот кај мажите и 55 отсто кај жените. Потоа следат кардиоваскуларните болести (14.101), хроничните респираторни болести (12.798) кои можат да му се припишат на пушењето и, во помала мера, акутните респираторни болести (1.839) и дијабетесот (551).

Ситуацијата е најкритична во француските региони О-де-Франс, Гранд Ист и Корзика, каде стапките на смртност поради пушење се за 40 отсто повисоки од оние во Ил-де-Франс, а најниски се во континентална Франција – се наведува во соопштението на СпФ.

-Оваа смртност поврзана со тутунот е последица на навиките за пушење стекнати во младоста на генерации мажи и жени кои сега достигнуваат години во кои болестите поврзани со пушењето имаат висока зачестеност. Како главен причинител за предвремена смрт која би можела да се избегне, пушењето го намалува животниот век на пушачите, и на мажите и на жените, за околу десет години – се додава во соопштението на СпФ и се потсетува дека целта е „генерација без тутун“, особено преку спроведување на тековната трета национална програма за контрола на тутунот.

CNCT повика на „интензивирање на јавната акција“ со арсенал на докажани мерки: силно оданочување, полесен пристап до одвикнување од пушење, строга забрана за рекламирање, заштита на младите, простори без пушење и регулација на нови производи со никотин.