Shigeru Ishiba
Фото: ЕПА

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска поднесе оставка, по помалку од една година на функцијата, откако неговата Либерално-демократска партија го изгуби апсолутното мнозинство во Горниот дом на Парламентот.

– Одлучив да поднесам оставка од функцијата претседател на Либерално-демократската партија – рече Ишиба. Лидерот на владејачката партија станува де факто премиер на Јапонија.

Јапонската телевизија претходно денеска објави дека премиерот Ишиба има намера да поднесе оставка по повеќекратните повици од неговата партија да ја преземе одговорноста за тешкиот пораз на неодамнешните парламентарни избори.

Ишиба ја презеде функцијата во октомври минатата година и повеќе од еден месец се спротивставуваше на барањата на противниците во рамки на неговата партија.

Оставката на премиерот е објавена еден ден пред Либерално-демократската партија да одлучи дали да одржи предвремени избори за раководството на партијата, што всушност би претставувало гласање за недоверба на Ишиба.

Ишиба рече дека ќе го поништи процесот на одржување гласање за раководството на партијата за избор на негов заменик и дека нема потреба од одлука утре.

Владејачката коалиција на Ишиба не успеа да обезбеди мнозинство во Горниот дом на Парламентот на клучните парламентарни избори во јули, што дополнително ја дестабилизираше неговата Влада.