Јапонија ја премина црвената линија со коментарите на нејзиниот нов лидер кои сугерираат потенцијална воена интервенција над Тајван, изјави денеска кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.
Коментарите на јапонската премиерка Санае Такаичи претходно овој месец дека поморската блокада на Кина или други дејствија против Тајван би можеле да бидат основа за јапонски воен одговор беа „шокантни“, рече Ванг во коментар објавен на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.
-Шокантно е што сегашните јапонски лидери јавно испратија погрешен сигнал за обид за воена интервенција во прашањето на Тајван, кажаа работи што не требаше да ги кажат и преминаа црвена линија што не требаше да биде допрена – предупреди тој.
Ванг, највисоко рангираниот кинески функционер кој досега се осврна на тензиите, рече дека Кина мора „решително да одговори“ на постапките на Јапонија и дека сите земји имаат одговорност да „спречат повторно оживување на јапонскиот милитаризам“.
Коментарите на јапонската премиерка доведоа до зголемени тензии меѓу двете земји во последните недели. Пекинг во петокот испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во кое го критикува „сериозното кршење на меѓународното право“ и дипломатските норми од страна на Такаичи.
Пекинг го смета самоуправниот Тајван, поранешна јапонска колонија, за своја територија, која ќе ја анектира со сила доколку е потребно. Кина се спротивставува на вмешаноста на други земји во Тајван, особено на САД, кои се главен снабдувач со оружје на островот, како и на сојузниците на САД во Азија, вклучувајќи ги Јапонија и Филипините.
Ставот на јапонската премиерка се смета за посилен од оној на нејзините претходници, кои изразија загриженост за заканата од Кина кон Тајван, но јавно не кажаа како ќе одговори Јапонија. Премиерката подоцна одби да ги повлече своите забелешки, но рече дека ќе избегнува да дискутира за конкретни сценарија во иднина.

































