Јапонка на 70-годишна возраст, која почина по 26 дена болничко лекување, е првата жртва во светот од инфекцијата што се пренесува преку крлежи. Таа се заразила со вирусот „Оз“ во источната префектура Ибараки, северно од Токио, соопштија јапонските власти.
Ова е прва пријавена смрт во светот од потенцијална инфекција која се пренесува преку крлежи – објави токиската „Кјодо њуз“.
Според провинциската влада и јапонското Министерство за здравство, жената побарала лекарска помош во летото 2022 година, откако доживеала симптоми како треска и замор.
Нејзината состојба се влоши откако првично и била дијагностицирана пневмонија, поради што била потребна хоспитализација.
За време на третманот, лекарите откриле крлеж на горниот десен дел од бутот. Таа почина 26 дена откако била примена во болница од миокардитис, воспаление на срцевиот мускул.
Националниот институт за заразни болести во Токио потврди дека во моментов нема достапна вакцина за вирусот „Оз“, кој беше откриен само во Јапонија.
Институтот ја истакна потребата од понатамошни истражувања за целосно разбирање на симптомите и потенцијалните ризици поврзани со инфекцијата.
Во 2018 година, вирусот „Оз“ првпат беше идентификуван кај видот крлежи Amblyomma testudinarium пронајден во префектурата Ехиме, западна Јапонија. Се верува дека овој тип на крлеж е одговорен за пренесување на вирусот, а неговото присуство е забележано на широк простор на Јапонија.