Фото: Пекселс

Богатите земји доживуваат рекордно високо ниво на човечки развој, додека половина од најсиромашните земји во светот остануваат под нивото на напредок што го имале пред кризата, покажува новиот извештај објавен денеска од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Извештајот за човековиот развој (HDR) за 2023/24 година, насловен „Излез од ќор-сокакот: Потреба од нов вид соработка во поларизираниот свет“, открива дека Глобалниот индекс за човечки развој (HDI) – збирен показател што го одразува Бруто националниот доход (БНД) по глава на жител, образование, животен век – покажал дека светот бележи делумен, нецелосен и нееднаков раст.

Извештајот забележува дека нерамномерениот напредок во развојот ги остава најсиромашните земји назад, продлабочувајќи ја нееднаквоста и заострувајќи ја политичка поларизација на глобално ниво, а резултатот, како што се наведува, е опасен застој во развојот на човештвото кој, според ОН, мора итно да се реши преку заедничка акција.

Како што се наведува во извештајот, речиси 40 проценти од глобалната трговија со стоки е концентрирана во три или помал број земји, а во 2021 година, пазарната вредност на секоја од трите најголеми технолошки компании во светот го надминала Бруто домашниот производ (БДП) на повеќе од 90 проценти од земјите во таа година.

Извештајот открива дека напорите за унапредување на меѓународната заедничка акција е попречено од новиот „парадокс на демократијата“: Додека 9 од 10 луѓе ширум светот ја поддржуваат демократијата, повеќе од половина од испитаниците во глобалното истражување даваат поддршка за лидерите кои можат да ја поткопаат демократијата со заобиколување на основните правила на демократскиот процес. Половина од испитаните луѓе ширум светот изјавиле дека немаат или имаат само ограничена контрола врз своите животи, а над две третини сметаат дека имаат многу малку влијание врз одлуките на владата.

Во извештајот се предлагаат четири области за итна акција: планетарни јавни добра – за климатска стабилност, дигитални глобални јавни добра – за поголема правичност во искористувањето на новите технологии за еднаквост човечки развој, нови и проширени финансиски механизми, вклучително и нова патека во меѓународната соработка што ја надополнува хуманитарната помош и традиционалната помош за земјите со низок развој и укинување на политичката поларизација преку нови пристапи на владите фокусирани на зајакнување на гласот на луѓето во дискусиите за справувањето со дезинформации.