Израелската армија денеска соопшти дека нејзините специјални сили извршиле повеќе од 70 мали копнени упади во соседен Либан од почетокот на конфликтот со либанскиот Хезболах пред речиси една година.
Во соопштението се наведува дека се уништени многу објекти на Хезболах, тунели и илјадници парчиња оружје.
ИДФ (Израелските одбранбени сили) достигнаа околу 1.000 точки што ги користи Хезболах во јужен Либан, од кои некои се во либански села и шумски области на неколку километри од границата, вклучувајќи бункери и тунели каде што се чувало оружје.
Имаше упади на почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа, кога израелската армија успеа да ја потисне елитната единица на Хезболах Радван од граничната област, дозволувајќи им на нејзините командоси речиси незабележано да влезат во Либан.
Сепак, немаше директни судири со борците на Хезболах.
Според проценките на ИДФ, околу 2.400 припадници на единицата Радван и 500 припадници на палестинскиот исламски џихад чекале во селата во јужен Либан да ги нападне Израел, на 7 октомври минатата година, по нападот на Хамас од Газа на јужна израелска територија.
Тогаш во нападот на Хамас во Израел беа убиени 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани и однесени во Газа.
Оттогаш, 41.638 луѓе загинаа во израелската одмаздничка офанзива врз Газа, како што соопшти денеска тамошното Министерство за здравство. Во соопштението се додава дека за 24 часа загинале 23 лица, а вкупниот број ранети е 96.460.
Израелските медиуми јавуваат дека упадите во јужен Либан биле извршени од израелски воени командоси, вклучително и припадници на борбени инженерски единици и траеле три до четири дена.