Израелските разузнавачи имале сеопфатни детали за огромните финансиски операции на Хамас од 2018 година. Но ниту тие ниту пак Владата на Израел не направиле ништо за да го запрат протокот на таквите средства. Овие финансиски средства, според експертите, со голема веројатност биле клучни за подготовките на Хамас за нападите од 7 октомври
Уште едно големо безбедносно потфрлање на израелската влада
Во опсежна статија што ја објави „Њујорк тајмс“, во која се цитираат израелски и американски претставници, се тврди дека израелски Мосад и владата во Тел Авив во целост биле запознаени со прикриените финансиски операции низ светот, а кои биле во функција на Хамас во 2018 година. Во статијата се тврди дека израелската влада не направила ништо за да се затворат овие сомнителни трансакции или, помалку или повеќе, да се оневозможи протокот на таквите средства.
Зошто Израел не презема никакви мерки?
И покрај пристапот до документите и потенцијалниот пат кон прекинување на средствата на Хамас, ништо не беше направено. И Израел и САД работеа под претпоставката дека Хамас е повеќе заинтересиран за владеење со Појасот Газа отколку за конфликт со Израел, а наместо тоа се фокусираше на спроведување санкции против Иран. Во еден момент средствата изнесуваа околу 500 милиони долари, пишува угледниот американски весник.
Во извештајот се детализирани документите пронајдени на компјутерот на висок функционер на Хамас во кои се наведени имоти низ светот во вредност од стотици милиони долари. Документите укажуваат на судански компании во сопственост на Хамас што се занимаваат со рударство, живинарски фарми и изградба на патишта, два облакодера во сопственост на групата во Обединетите Арапски Емирати и други деловни потфати поврзани со имот во Алжир и во Турција.
– Сите зборуваат за неуспеси на разузнавањето на 7 октомври, но никој не зборува за неуспехот да се запрат парите – изјави за „Њујорк тајмс“ Уди Леви, поранешен шеф на одделот за економска војна на Мосад.
Леви беше дел од тимот што ги истражуваше финансиите на тероризмот, наречен ударна група „Харпун“, кој ја следеше паричната мрежа на Хамас во текот на неколку години. До 2015 година тие го пронајдоа она што го нарекоа „тајно инвестициско портфолио на Хамас“, се наведува во извештајот.
Информиран лично премиерот Бенјамин Нетанјаху!
Уди Леви, поранешен шеф на одделот за економска војна на Мосад, изјави дека лично го информирал премиерот Бенјамин Нетанјаху за финансиите на Хамас во 2015 година.
– Можам со сигурност да ви кажам дека разговарав со него за тоа. Но тој не се грижеше толку за тоа. Набрзо потоа, тогашниот шеф на Мосад, Јоси Коен, ја затвори оперативната група „Харпун“ како дел од реорганизацијата на агенцијата – рече Леви.
Разузнавачките агенти продолжија да ги следат парите, но без истата структура за поддршка што постоеше во рамките на работната група.
Во 2018 година Израел успеа да добие пристап до книгите, создадени од книговодител по име Махмуд Газал, што ја исцрта досега најјасната слика за широчината на финансиските интереси на Хамас.
Во исто време Саудиска Арабија го уапси Газал, кој престојуваше во земјата, откако корпоративните досиеја открија негова и вмешаност на други лица во 18 компании означени во документите.
По овие откритија, „Њујорк тајмс“ објави дека израелскиот истражен тим ги споделил своите наоди со американските колеги со надеж дека тоа ќе доведе до финансиски санкции.
Ниту САД не презедоа мерки
Ниту Израел ниту САД не ја следеа оваа опција, бидејќи високи функционери во Израел ги притискаа САД да воведат санкции кон Иран.
Во 2018 година Нетанјаху одлучи да дозволи милиони долари да влезат во Појасот Газа преку Катар, верувајќи дека тоа ќе го замолчи Хамас и ќе го обесхрабри од војна.
Во извештајот исто така се истакнува дека нашироко се пишува оти тој приватно коментирал дека го сметал зајакнувањето на Хамас како корисно, бидејќи тоа ги држи Газа и Западниот Брег поделени и го задржа притисокот да продолжи со дипломатски преговори со палестинската управа.
Дури во мај 2022 година американското министерство за финансии објави финансиски санкции против експанзивната финансиска мрежа на Хамас.
– Хамас генерира огромни суми приходи преку своето тајно инвестициско портфолио додека ја дестабилизира Газа, која се соочува со тешки животни и економски услови – рече Елизабет Розенберг, тогашна помошник-секретарка на Министерството за финансии за финансирање терористички и финансиски криминал.
Списокот на санкционирани лица го вклучуваше Ахмед Шариф Абдалах Одех, јордански државјанин што го предводеше меѓународното инвестициско портфолио на Хамас до 2017 година и остана вклучен дури и по повлекувањето од функцијата.
Тој беше заменет со Усама Али, кој во 2019 година беше назначен во Шура, советот на Хамас – квазизаконодавно тело – и подоцна служеше во извршниот комитет на Хамас, одржувајќи директен контакт со шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, заменик-шефот на бирото Салех ал-Арури и други.
Сите што беа санкционирани од САД во 2022 година беа именувани во документите доставени до САД од израелските разузнавачки агенти во претходните години.
Говорејќи за „Њујорк тајмс“, Тамир Пардо, кој беше на чело на Мосад во 2011-2016 година, рече дека не знаел што се случило откако тој се повлекол и во кој момент Коен ја распушти оперативната група „Харпун“.
– Верувам дека ако некој ги бркаше парите, ќе ги запреше нападите. Немаше да ги видиме резултатите од она што го гледаме денес – рече тој.
„Њујорк тајмс“ забележа дека Нетанјаху одбил да одговори на наводите од извештајот.
Подготвил: Митко Јовановски