Израелските копнени сили во текот на ноќта извршија релативно голем упад во Појасот Газа, објави израелската армија на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).
„Во подготовка за следните фази од борбата, израелските сили дејствуваа во северниот дел на Газа. Тенковите и пешадијата нападнаа бројни терористички ќелии, инфраструктура и локации за лансирање противтенковски ракети. Војниците во меѓувреме ја напуштија областа и се вратија на израелска територија “, напишаа израелските одбранбени сили.
Во меѓувреме на Самитот за безбедност Русија и Кина ставија вето на нацрт-резолуцијата предложена од САД, додека текстот предложен од Москва не доби доволно поддршка.
САД подготвија резолуција со која се предлагаат „хуманитарни паузи“ за да се дозволи помош за блокираниот Појас Газа. Поддржано е и правото на „сите држави“ на самоодбрана во границите на меѓународното право.
Тој нацрт не бараше целосен прекин на огнот.
Русија претстави предлог со кој се повикува на „итно, трајно и целосно почитуван хуманитарен прекин на огнот“ и со кој „го осудува секое насилство и непријателства против цивилите“.
Десет земји ја поддржаа американската резолуција, но Русија и Кина ставија вето. Против гласаа и Обединетите Арапски Емирати, кои значително ги подобрија односите со Израел, но го претставуваат арапскиот блок, додека Бразил и Мозамбик беа воздржани.