Сирените за воздушен напад се огласија во северен Израел и се слушнаа експлозии додека изутринава израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“ уриваше проектили истрелани од Либан. Дури и пред да бидат лансирани ракетите, Израел најави напади врз ракетните фрлачи на Хезболах, велејќи дека го открил планот на Хезболах за напад. Чад беше забележан и додека израелските борбени авиони бомбардираа локации во јужен Либан. Израелската војска ги предупреди цивилите во областа да избегнуваат локации на кои дејствува Хезболах.
Вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати свика итна седница на Владата на која ќе се разговара за серијата израелски воздушни напади изутрината во јужен Либан.
Израелската војска рано утринава изврши повеќе од 40 воздушни напади врз јужен Либан, како што рече, обидувајќи се да го спречи широкиот напад на групата Хезболах врз Израел, пишува „Гардијан“.
Хезболах рече дека превентивните напади на Израел не влијаеле на неговиот напад и дека сите беспилотни летала биле лансирани „како што е планирано“.
Либанската група соопшти дека нападнала 11 воени бази во северниот дел на Израел и лансирала повеќе од 320 ракети во „првата фаза“ од нападот, што според неа, е одмазда за убиството на еден од командантите на Хезболах, Фуад Шукра во Бејрут минатиот месец. Хезболах го обвини Израел за нападот.