Израел синоќа потврди дека од земјите посредници го добил новиот предлог за примирје и ослободување на заложниците и додаде дека доставил контрапонуда, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Ерусалим го претстави својот контрапредлог во целосна координација со САД, пишува „Тајмс оф Израел“.
Израелското соопштение следи по медиумските извештаи дека Хамас се согласил со египетскиот предлог според кој, ќе ослободи пет живи заложници во замена за 50-дневен прекин на огнот во Газа.
Ова примирје ќе стапи на сила на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, денеска или утре, наведуваат медиумите.
Како што објавија повеќе медиуми, овој предлог не ги исполнува барањата на Израел, кој инсистираше на ослободување на 10 или 11 живи заложници со цел повторно да се воспостави прекин на огнот, врз основа на претходниот предлог на американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Неименуван египетски функционер рече дека предлогот за прекин на огнот вклучува и враќање на телата на убиените заложници на Хамас, но не го прецизираше нивниот број.