Израел е под се поголем притисок на своите сојузници поради конфликтот во Газа, вклучително и од САД, кои го критикуваа „неселективно“ бомбардирање како одговор на нападите на палестинскиот исламистички Хамас на 7 октомври.
Генералното собрание на ОН синоќа ја поддржа необврзувачката резолуција со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот на опустошената територија, за што гласаа 153 од 193 членки на светската организација.
Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое управува екстремистичкиот Хамас, денеска соопшти дека во последниот бран израелски воздушни напади загинале најмалку 50 лица. Беше објавено вчера дека повеќе од 18.400 луѓе, главно жени и деца, загинале во Газа од почетокот на конфликтот што почна откако палестинските екстремисти предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а беа земени 240 заложници.
Израел потоа вети дека ќе го уништи Хамас и ќе ги врати заложниците дома и континуирано ја бомбардира Појасот Газа, а на крајот на октомври започна копнена офанзива. Како што беше соопштено утрово, во оганзивата досега загинаа 113 израелски војници.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави во Вашингтон дека Израел има поддршка од мнозинството од светот по нападот на Хамас, но дека таа поддршка „почнува да се губи поради неселективното бомбардирање“.
Тој додаде дека „безбедноста на невините Палестинци останува главна грижа“.
Со недели Вашингтон го повикува Израел да стори повеќе за да избегне цивилни жртви.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доцна синоќа изјави дека не се согласува со Бајден за повоеното управување со Газа, признавајќи за јаз меѓу двете сојузнички земји.
Лидерите на Австралија, Канада и Нов Зеланд и другите израелски сојузници повикаа на прекин на огнот, предупредувајќи дека напорите да се уништи Хамас не може да значи „постојано страдање“ за палестинските цивили.
„Вознемирени сме од намалувањето на безбедниот простор за цивилите во Газа“, напишаа во заедничката изјава премиерите на тие земји, оценувајќи дека страдањето на сите палестински цивили не може да биде цената на поразот на Хамас. Соопштението беше објавено откако Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се бара прекин на огнот, со 153 гласа „за“ од 193 земји-членки.
САД и Израел гласаа против, но бројот на земји кои гласаа „за“ беше поголем од приближно 140-те кои рутински ги поддржуваа резолуциите со кои се осудува Русија за инвазијата на Украина.
Гласањето дојде откако шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци, Филип Лазарини, ја опиша ситуацијата во Газа како „пекол на земјата“.
Израелските воздушни напади и копнените офанзиви направија голем дел од таа мала енклава во урнатини. На крајот на ноември, сателитски снимки покажаа дека според ОН, 18 отсто од инфраструктурата на Газа е уништена. Покрај тоа, околу 1,9 милиони од 2,4 милиони жители на Газа се раселени, од кои половината се деца.