Наспроти договорот за привремен прекин на огнот
Пред најавата за прифаќање на договорот за привремено примирје со Хамас, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека интервенцијата на американскиот претседател Џо Бајден помогна да се подобри спогодбата за да вклучи повеќе заложници и помалку отстапки. Но, Нетанјаху нагласи дека мисијата на Израел не е променета.
– Ние сме во војна и ќе продолжиме да војуваме додека не ги постигнеме сите наши цели. Да се уништи Хамас, да се вратат сите наши заложници и да се осигураме дека ниту еден ентитет во Газа не може да му се заканува на Израел – рече тој во снимената порака на почетокот на состанокот на владата.
Хамас, пак, додава дека наспроти објавата за привременото примирје, рацете на неговите припадници ќе останат на чкрапалото, а неговите бригади ќе продолжат да го бранат народот“.
– Отпорот ги водеше преговорите додека неговата позиција на теренот е цврста и силна и покрај обидите на окупаторот да одолговлекува во овој поглед. Условите на договорот се формулирани во согласност со визијата на отпорот која има за цел да му служи на нашиот народ и да ја зајакне неговата непоколебливост пред агресијата, додека секогаш ќе остане свесен за неговите жртви, страдања и грижи – стои во објавата на Хамас.