Фото: Пeкселс

Израел не ја отфрла можноста за напад врз иранските нуклеарни постројки во наредните месеци и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп му кажа на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека САД засега не се подготвени да поддржат таков потег.

Ова го јави „Тајмс оф Израел“ повикувајќи се на израелски функционер и уште две лица запознаени со ова прашање.

Израелските власти истакнаа дека ќе го спречат Техеран да се здобие со нуклеарно оружје, а Нетанјаху инсистираше на тоа дека какви било преговори со Иран мора да доведат до целосно укинување на неговата нуклеарна програма.

Американските и иранските преговарачи денеска во Рим ќе ја одржат втората рунда прелиминарни нуклеарни преговори.

Во текот на изминатите месеци, Израел ѝ предложи на администрацијата на Трамп серија опции за напад врз објектите на Иран, вклучително и некои со временска рамка доцна пролет и лето, велат изворите.

Плановите вклучуваат комбинација од воздушни напади и операции на командоси кои се разликуваат по интензитет и би можеле да ја попречат способноста на Техеран да ја вооружува својата нуклеарна програма за само неколку месеци или една година или повеќе, велат изворите.

„Њујорк тајмс“ во средата јави дека Трамп му рекол на Нетанјаху на состанокот во Белата куќа претходно овој месец дека Вашингтон сака да им даде приоритет на дипломатските разговори со Техеран и оти не е подготвен да поддржи напад врз нуклеарните постројки на земјата на краток рок. Трамп подоцна негираше дека „се откажал“ од планираните напади.

Но, израелските власти сега веруваат дека нивната војска наместо тоа би можела да изврши ограничен напад врз Иран за кој би била потребна помала поддршка од САД. Таквиот напад би бил значително помал од оние што Израел првично ги предложи.