Израел планира брза депортација на шведската активистка Грета Тунберг и уште 11 активисти по нивното приведување во близина на своите територијални води.
Министерството за надворешни работи на Израел објави дека активистите од јахтата „Мадлен“, меѓу кои е и Тунберг, ќе бидат спроведени до пристаништето Ашдод и од таму ќе бидат депортирани преку аеродромот Бен Гурион.
– Бродот безбедно плови кон бреговите на Израел. Се очекува патниците да се вратат во своите матични земји – се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.
– Селфи јахтата што ја превезува Грета Тунберг и други таканаречени „селебритис“ го продолжува своето патување кон израелско пристаниште – се вели во соопштението.
Правниот центар Адала, кој се залага за правата на арапските малцинства во Израел, побара итна информација за локацијата и статусот на притворените активисти. Од центарот нагласуваат дека бродот никогаш не влегол во израелски територијални води ниту пак имал намера тоа да го направи.
– Адала бара итно откривање на правниот статус на активистите, нивно право на правна помош и застапување – се наведува во соопштението.