Израелската армија вечерва соопшти дека извршила воздушни напади врз две високи згради во Појасот Газа што ги користел исламскиот екстремистички Хамас, кој е на власт во палестинската територија.
– Терористичката организација Хамас намерно ја става својата воена опрема во срцето на цивилното население во Појасот Газа – соопшти армијата.
Како што се наведува, станарите биле однапред предупредени и побарано било да се евакуираат пред ударот.
Хамас се закани дека ќе истрела ракети кон Тел Авив како одмазда. Високиот претставник на Хамас, Салех ал-Ароури рече дека милитантната група, која раководи со Газа, е подготвена „за сите опции, вклучително и војна и ескалација на сите нивоа“.
– Подготвени сме за најлошото сценарио, вклучително и копнена инвазија, што ќе биде најдобро за нас да го решиме крајот на оваа битка – изјави Ал-Ароури за „Ал Џезира“.
Ал-Ароури тврди дека има тековни „интензивни меѓународни и регионални напори“ за ставање крај на кризата, „но сега ништо нема да биде поважно од битката“.
Во меѓувреме, бригадите Изедин ал Касам, вооруженото крило на Хамас, објавија дека се уште се борат на 25 локации.
Групата, исто така, во соопштението наведе дека има тековни судири во воената база Реим во близина на северниот граничен премин на Газа со Израел.
Израелските медиуми јавија за најмалку сто загинати Израелци и 900 ранети. Видеата на Хамас и непотврдените фотографии на социјалните мрежи покажуваат мртви цивили, израелски војници и палестински борци. Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека вооружените членови на Хамас оделе од куќа до куќа, убивајќи цивили во тој процес. Здравствените власти во Појасот Газа соопштија дека најмалку 198 лица загинале, а 1.610 се повредени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа.
Израелските медиуми објавија дека напаѓачите зеле заложници во Офаким. Организацијата „Исламски џихад“ соопшти дека држи неколку заробени израелски војници, а на социјалните мрежи на Хамас сподели снимка од она што изгледа како затвореници кои се живи однесени во Газа.
Израелците одговорија со контранапад. Експлозии се слушнале во 9.45 часот во центарот на Газа и градот Газа, а во 10 часот портпаролот на израелската војска изјавил дека воздухопловните сили погодуваат цели во Газа.
Ненадејниот напад на палестинската организација Хамас врз Израел, извршен од вооружени луѓе кои ги пробиваа безбедносните бариери и низа проектили истрелани од Појасот Газа, почна денеска утрото за време на големиот еврејски празник Симхат Тора.
Нападот се случи 50 години и еден ден откако египетските и сириските сили започнаа офанзива против Израел за време на еврејскиот празник Јом Кипур во обид да ја вратат контролата врз територијата заземена од Тел Авив во кратката војна во 1967 година.
Палестинската исламистичка група Хамас испука низа проектили врз јужен Израел околу 6.30 часот, а сирените се слушаа во Тел Авив и Беер Шева. Хамас соопшти дека првично испукал 5.000 ракети. Израелската армија тврди дека биле истрелани 2.500 проектили.
Лидерите на ЕУ, Европската Унија и ОН денеска реагираа на нападите на палестинската екстремистичка организација Хамас врз Израел и во своите соопштенија ги осудија нападите, повикаа на воздржаност и избегнување на цивилни жртви.