Фото: Пиксабеј

Израел „категорично го отфрла“ советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП) дека земјата мора да го олесни доставувањето помош за Газа во согласност со меѓународното право, изјави денеска портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн. .

Мислењето на највисокиот советодавен суд на ОН е „уште еден политички обид за наметнување политички мерки против Израел под маската на „меѓународното право“, напиша на мрежата Х портпаролот на израелското МНР.

Меѓународниот суд на правдата (МСП), со седиште во Хаг, претходно денеска објави дека Израел е должен да не посегнува по гладувањето како метод на војување во Газа.

Судот додаде дека Израел мора да ги задоволи „основните потреби на населението на Појасот Газа“ и е должен да го олесни доставувањето помош за Газа, вклучително и онаа што ја обезбедува агенцијата на ОН за палестинските бегалци –УНРВА (UNRWA).

МСП денеска го издаде своето советодавно мислење за обврските на Израел кон организациите што обезбедуваат хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа.