Фото: Нетањаху/инстаграм

Израелската влада го одобри договорот од првата фаза од планот на САД ставање на крај на војната во Појасот Газа. Со тоа се отвора патот за прекин на непријателствата во Појасот Газа во рок од 24 часа и ослободување на израелските заложници во рок од наредните 72 часа.
Владата на Израел го одобри договорот рано утринава, речиси 24 часа откако медијаторите објавија дека е постигнат договорот за првата фаза од мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Договорот предвидува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници и постепено повлекување на израелските трупи од Газа.

-Владата штотуку ја одобри рамката за ослободување на сите заложници – објави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на својот профил на Икс.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Израел и милитантната палестинска група Хамас се договориле за првата фаза од мировниот план за Газа.