Лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин загина заедно со неколку членови на семејството при израелски напад врз јужниот дел на земјата.
Соопштението на Хамас за смртта на Амин уследи откако палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) утрово соопшти дека тројца нејзини членови се убиени при израелски напад врз центарот на Бејрут.
Во израелскиот напад загинаа член на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, член на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.
Тоа е прв напад врз центарот на Бејрут од војната во 2006 година.
Засега, како што пренесуваат светските агенции, нема коментар од израелската војска.
Израел вчера продолжи со офанзива врз организациите кои ги смета за терористички, така што изврши напади на неколку локации во Либан, за кои тврди дека се упоришта на Хезболах, а изврши напади и во Јемен на локации за кои тврди дека се упоришта на Хутите.