Израел ги проширува своите операции во областа околу градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) во денешната објава на социјалната платформа „Х“, без да наведат детали, јави ДПА.
-Нашите единици елиминираа десетици терористи преку воздушни напади и оган од снајперисти и тенкови, соопшти ИДФ, опишувајќи ги своите акции во текот на вчерашниот ден. Десетици припадници на радикалното палестинско движење „Хамас“ се исто така убиени во голем број борби во северниот дел на Газа – информираат ИДФ на „Х“.
Тел Авив сугерира дека лидерите на исламистичката група Хамас, која започна ненадеен напад врз Израел на 7 октомври, се кријат во Кан Јунис, каде што ИДФ во моментов ги концентрира своите сили. Израелската армија им даде инструкции на жителите на градот да ги напуштат своите домови и да се населат во градот Рафа, во југоисточниот дел на Газа, веднаш до границата со Египет.
ИДФ објави и дека пронашле експлозивни направи во домовите на членовите на Хамас. Уништени се зградите во кои имало експлозив. Откриени се и многу тунели и оружје.
Министерството за здравство во Појасот Газа под контрола на Хамас соопшти дека 187 луѓе биле убиени во еден ден од новите израелски напади. Здравствените власти во енклавата додадоа дека се повредени 312 Палестинци.
Со овие податоци, бројот на убиени Палестинци во Газа од почетокот на војната со Израел станува 21.507, според здравствените власти под контрола на Хамас. Последниот биланс на загинати, објавен вчера, изнесува 21.320. Според овие информации, повредени се 55.915 лица.