Ослободувањето на Асанж е резултат на спогодбата со американските обвинители, односно неговата согласност „да се изјасни за виновен по едно обвинение – за заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД за Северните Маријански Острови“. Имено, Асанж треба денеска (среда, 26 јуни) да биде донесен на сослушување на островот Саипан, во 9 часот по локално време. Голема е веројатноста дека ќе му се признае „веќе отслуженото време“ и нема да добие нова затворска казна
Разврска на случајот „Асанж“?
Вест на денот од глобални размери на 25 јуни 2024 година, секако, беше дека Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, веќе го напуштил затворот „Белмаш“ во Велика Британија, каде што престојуваше од 2019 година, во очекување одлука да биде екстрадиран во САД. Ослободувањето на Асанж е резултат на спогодбата со американските обвинители, односно неговата согласност „да се изјасни за виновен по едно обвинение – за заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД за Северните Маријански Острови“. Според агенцијата Ројтерс, Асанж треба денеска (среда, 26 јуни) да биде присутен на сослушување на островот Саипан, во 9 часот по локално време. Тој најверојатно ќе добие признание за веќе отслуженото време и нема да добие нова затворска казна.
Викиликс веќе соопшти дека неговиот основач Џулијан Асанж го напуштил британскиот затвор и полетал од Велика Британија, односно по исполнувањето на договорот ќе му биде овозможено да се врати дома во Австралија.
Краток осврт за обвинувањата за Асанж
Во 2010 година Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и во Ирак, што беше доживеано како најголем безбедносен инцидент од ваков вид во историјата на американската војска, заедно со серија дипломатски телеграми.
Асанж беше обвинет за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп за масовно објавување доверливи американски документи, кои беа обелоденети од Челзи Менинг, поранешна американска воена разузнавачка аналитичарка, која исто така беше обвинета според Законот за шпионажа.
Повеќе од 700.000 документи вклучуваа дипломатски телеграми и извештаи од бојното поле, како и видео од 2007 година од американски хеликоптер „апачи“ што стрела врз осомничените бунтовници во Ирак, при што загинаа десетина луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс. Тоа видео беше објавено во 2010 година.
Случајот беше дипломатска главоболка за администрацијата на американскиот претседател Бајден, која се соочуваше со притисокот на Австралија, клучниот сојузник во националната безбедност, да го заврши предметот на Асанж, кој беше во правно лимбо, со сегашниот исход – да биде осуден колку што има веќе одлежано време во британскиот затвор, точно 1.901 ден.
Предавник, шпион, свиркач, херој…
Додека протекувањето на воените податоци и записите на Стејт департментот го направија Асанж контроверзна личност во САД, но и херој на многу антивоени активисти, сликата стана покомплицирана во 2016 година, кога неговата веб-страница објави големи количества е-пошта од Демократскиот национален совет (ДНС) и од личниот профил на Џимеил на Џон Подеста, тогашен шеф на претседателската кампања на Хилари Клинтон. Меѓу другите откритија, украдените мејлови покажаа знаци дека ДНС ја фаворизира Хилари Клинтон за време на нејзините првични избори против Берни Сандерс.
Многу демократи го обвинија Асанж дека соработувал со руското разузнавање за да ја поткопа кампањата на Клинтон. Асанж го отфрли тврдењето.
Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа поради објавување официјални американски документи за војните во Авганистан и во Ирак и дипломатски телеграми во 2010-2011 година. За тие обвиненија му се закануваше затворска казна до 175 години, но тој сепак се изјасни за невин.
Од 2012 до 2019 година, основачот на Викиликс беше во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Кога Еквадор му го укина правото на политички азил на Асанж, тој беше уапсен од британската полиција и испратен во затвор во Велика Британија. Локалниот суд дозволи негова екстрадиција во САД во април 2022 година, но одбраната поднесе жалба.
Минатиот март Високиот суд во Лондон пресуди дека Асанж нема веднаш да биде екстрадиран во САД. Оваа година продолжија сослушувањата за тоа дали основачот на Викиликс може да поднесе жалба на жалбената одлука, а Високиот суд застана на негова страна во мај. Здравствената состојба на Асанж наводно се влошила додека бил во затвор.
„Волстрит журнал“ претходно објави дека основачот на Викиликс може да се договори со обвинителите. Според него, тоа било за да може да се изјасни за виновен од далечина – без екстрадиција од Велика Британија, а петте години затвор што веќе ги одлежал ќе се земат предвид при изрекувањето на пресудата пред судот во САД. Ј.П.
Сопругата на Асанж вели дека сега е најважно тој – да оздрави
Сопругата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, Стела, изјави дека е воодушевена што тој ќе биде ослободен по 14-годишна правна битка и пет години во затвор во Лондон, како и дека враќањето на здравјето на Асанж е приоритет.
Стела Асанж изјави за Би-би-си дека немала време да разговара што ќе прават двајцата кога тој ќе биде ослободен, но дека приоритет е да се врати здравјето на Асанж бидејќи тој бил, како што таа опишала, во „ужасна состојба“.
Стела Асанж побара помош од поддржувачите бидејќи има намера да основа итен фонд за закрепнување на нејзиниот сопруг.
– Едноставно сум во екстаза – рече Стела, говорејќи од Австралија, откако Асанж се согласи на договор за признавање вина, објави Ројтерс.
Стела истакна дека е речиси неверојатно Асанж да биде на слобода кога ќе потпише спогодба за признавање вина пред судот на Маријанските Острови.
Во објавата на официјалниот профил на Викиликс, таа истакна дека за време на годините на затвор и прогон на нејзиниот сопруг се формирало „неверојатно движење“ на луѓе од сите сфери на животот од целиот свет што го поддржуваат не само Џулијан туку и тоа за што се залага, а тоа е вистината и правдата.
Стела Асанж работеше како бранителка на човекови права и адвокатка во Источен Тимор и Боцвана пред да му се приклучи на правниот тим на Асанж во Лондон. Таа беше дел од правниот тим на основачот на Викиликс за време на неговото затворање, откако се приклучи во 2011 година за да ја спречи неговата екстрадиција во Шведска поради обвиненијата за сексуален напад, кои подоцна беа отфрлени. Нивната професионална врска прерасна во лична и до 2015 година тие започнаа романтична врска додека Џулијан беше во егзил во Амбасадата на Еквадор во Лондон.