Фото:Пиксабеј

Италија, Бугарија и Малта се придружија на барањата на Белгија за пронаоѓање алтернативни начини за обезбедување 210 милијарди евра за финансиска поддршка на Украина, наместо користењето на замрзнатите руски средства, што го доведува во прашање усвојувањето на планот за т.н. „заем за репарација“ на Самитот на ЕУ следната недела.

Според бриселските медиуми, четирите земји бараат од „Комисијата и Советот на ЕУ да продолжат да истражуваат и дискутираат за алтернативни опции во согласност со европското и меѓународното право, со предвидливи параметри, кои претставуваат значително помалку ризици, за да се задоволат финансиските потреби на Украина врз основа на кредитна линија од ЕУ или преодни решенија, со цел да се обезбеди континуитет на поддршката пред која било од предложените опции ефикасно да стапи во сила“.

Белгискиот премиер Барт де Вевер веќе подолго време бара „алтернативи на заемот за репарации“, за кој тврди дека е „фундаментално погрешен“ и дека носи бројни правни и финансиски ризици.

Четирите земји во заедничка изјава го поддржаа предлог на Европската комисија за замрзнување на руските средства на неопределено време, што беше усвоен на вчерашниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), но нагласуваат дека тоа не значи и поддршка за користење на овие пари за „поддршка на воените напори“ на Украина.

Одлуката беше донесена врз основа на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува дека во услови на „итност“ одлуки се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус. На тој начин, за усвојување на одлуката беше потребна поддршка од најмалку 15 земји членки во кои живеат најмалку 65 од жителите на ЕУ.

Белгија, заедно со Унгарија, се противеа на „активирањето“ на членот 122 за носење на одлуката, оценувајќи дека со тоа ЕУ ризикува да го прекрши европското право.

– Овој член е за вонредна состојба во ЕУ. Каде е вонредната состојба? Во Украина има вонредна состојба. Но, Украина не е во Европската Унија – рече Де Вевер.

Белгија, Бугарија, Италија и Малта во изјавата предупредија дека употребата на Член 122 „имплицира правни, финансиски, процедурални и институционални последици што би можеле да одат многу подалеку од овој конкретен случај“ и дека ова не треба да „претставува преседан“ за безбедносната и надворешната политика на блокот, каде по правило одлуките се носат со консензус.

Инаку, во врска со одлуката за замрзнување на руските средства на неопределено време, Советот на ЕУ соопшти дека земјите членки по итна постапка донеле одлука со која „привремено се забранува секаков трансфер во Русија на средствата на руската Централната банка на Русија што во моментов се замрзнати во ЕУ“, со цел „да се ограничат штетите по економијата на Унијата“.

– Конкретно, договорената регулатива привремено забранува секаков директен или индиректен трансфер на средства или резерви на Централната банка на Русија или на кое било правно лице, субјект или тело кое дејствува во име на или по налог на Централната банка на Русија, како што е Рускиот фонд за национално богатство – соопшти Советот на ЕУ.

Според Советот, во отсуство на одлука за ваква забрана овие ресурси би можеле да бидат директно искористени од страна на Русија за финансирање на нејзината воена агресија врз Украина со сериозни последици за економијата на Европската Унија и нејзините земји членки.

– Тоа би го зголемило ризикот од ескалација на хибридни воинствени активности насочени против земјите членки и територијата на ЕУ, со што би се продлабочиле економските тешкотии во Унијата. Исто така, би ризикувало продолжување и влошување на економската неизвесност и би барало поголем фискален одговор од земјите членки – се додава во соопштението.

Досега одлуките за замрзнување на руските суверени средства се носеа на секои шест месеци со консензус меѓу земјите членки, што предизвикуваше загриженост дека во иднина некоја од нив би можела да стави вето на понатамошно продолжување на мерката.

Ваквата одлука се оценува и како чекор напред кон постигнување договор за одобрување на планот за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. заем за репарации за Украина. Трајното замрзнување на руските средства би претставувало начин за избегнување на враќањето на овие средства на Русија, дури и во случај на укинување на санкциите во земјата.

Ова оди во прилог на Белгија, која бара гаранции дека нема сама да ги сноси ризиците доколку биде потребно овие искористени пари да ѝ се вратат на Русија.

Белгија е против „заемот за репарации“ затоа што најголемиот дел од замрзнатите руски средства во ЕУ и околу 185 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел. Оттаму, Белгија стравува дека користењето на замрзнатите руски средства би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства, а изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка.

На вчерашниот состанок на Корепер, Белгија достави документ со кој бара да добие „независни и автономни“ гаранции од останатите земји членки од ЕУ во замена за нејзина согласност за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. „заем за репарации“ на Украина и дека тие ќе останат во сила „дури и ако заемот се смета за ништовен“.

Белгија бара и усвојување на мерки за нејзина заштита од потенцијална одмазда од страна на Москва, како и земјите членки на ЕУ да се обврзат дека нема да склучуваат нови инвестициски договори со Русија.

Меѓу другите барања на Белгија е и останатите членки на ЕУ да учествуваат во покривањето на евентуалните судски трошоци од постапка што Москва би ја покренала против која било земја од блокот.

Кога станува збор за „Еуроклир“, Белгија бара оваа клириншка куќа „да не биде одговорна“ за обезбедување на заемот за репарација, а нејзините директори „да сносат одговорност само во случај на груба небрежност“.

Ова прашање добива на актуелност по најавата на Централната банка на Русија дека покренува тужба пред Суд во Москва против „Еуроклир“, оценувајќи дека бриселската клириншка куќа е виновна за „штетни активности што ја спречуваат Банката слободно да располага со сопствените средства и хартии од вредност“. Централната банка на Русија оценува и дека сите директните и индиректните обиди на ЕУ за користење на замрзнатите руските средства се „целосно илегални“ и во спротивност со меѓународното право, бидејќи го нарушуваат „суверениот имунитет на државните средства“.

Според најавите, Корепер ќе одржи вонреден состанок утре со цел да ги разгледа барањата наведени во белгискиот документ и да се обиде да постигне договор за заемот за репарации пред заседанијата на советите за надворешни и за општи работи на ЕУ, закажани за в понеделник, односно вторник, како и пред Самитот на Унијата предвиден за в четврток.