Фото: Пиксабеј

Водечките асистенти со вештачка интелигенција погрешно ги претставуваат вестите во речиси половина од своите одговори, според истражувањето објавено денеска од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и Би-би-си.

Меѓународното испитување ги опфатило вештачкоинтелигентните асистенти Чет-ГПТ (ChatGPT), Копилот (Copilot), Џемини (Gemini) и Перплексити (Perplexity) – софтверски чет-помошници коишто користат ВИ и на кој било јазик во светот ги извршуваат задачи за корисниците. ВИ-асистентите на 14 јазици биле оценувани според критериуми како што се точност, цитирање извор и способност за разликување на мислење од факт. Истражувањето вклучило и 3.000 одговори на прашања за вести.

Вкупно, 45 отсто од анализираните одговори на ВИ содржеле барем една сериозна грешка, а 81 насто имале некаков вид проблем, покажаа наводите.

– Кога луѓето веќе не знаат во што да веруваат, тие на крајот не веруваат во ништо, а тоа може да го обесхрабри учеството во демократските процеси – рече директорот за медиуми на ЕБУ, Жан-Филип де Тендер.

Џемини – четботот на Гугл, на својата интернет-страница претходно ги поздрави повратните информации од корисниците за да може, како платформа, да продолжи да се подобрува и да станува покорисна.

И Опен-АИ и Мајкрософт претходно објавија дека т.н. „халуцинации“ – случаи кога ВИ прикажува неточни и погрешни наводи, поради на пр., недостаток на податоци – се проблем на чиешто решавање активно работат.

Според „Извештајот за дигитални вести“ на британскиот „Институт Ројтерс“ за 2025 година, околу седум насто од сите интернет-корисници кои ги следат вестите и дури 15 отсто од луѓето под 25 години користат ВИ-асистенти за да бидат информирани за актуелните настани. Овој нов извештај, се вели, е повик до компаниите за вештачка интелигенција да бидат поодговорни и да го подобрат начинот на којшто нивните асистенти одговараат на прашања поврзани со вестите.