Повод: Состанокот на неформалната светска влада „Билдерберг“ во Стокхолм, Шведска
- Кристина Гарстен, авторка и професорка по социјална антропологија, за шведската јавност изјави дека „тоа е дискретна организација. Тие се стремат да имаат безбеден простор, но јасно е дека нетранспарентноста ве тера да размислите за што се дискутира. Учесниците се таму како поединци – а не како претставници на партии или држави – што значи дека немаат мандат да донесуваат никакви извршни одлуки. Но она што можат да го направат е да соработуваат со своите мрежи и да ги отвораат прашањата, тие можат да ја обликуваат политичката агенда на овој начин“
- За нас особено е интересно учеството на Руте, затоа што пред сѐ и над сѐ, десна рака му е нашата Радмила Шекеринска. Во моментов немаме информации колку е таа вклучена во работата на „Билдерберг“, но можно е за неа да се отворат извесни канали на комуникација, па и давање соодветни оперативни задачи. Сепак, таа е во врвот. Ако НАТО е претставено на највисоко ниво во Стокхолм, каде што ќе се зборува за војување, за финансирање на украинската одбрана, за градење фабрики за оружје, тогаш антените во Македонија мораат да бидат вклучени, сите радари да бидат активни за да се фатат и најмалите шумови, кои можат да ни откријат – што планираат глобалистите и за нас
Деновиве нашиот новинар истражувач Христо Ивановски пишуваше дека „далеку од дневната светлина, а повеќе во скривниците на мракот“ групата „Билдерберг“, од 12 до 15 јуни, во хотелот „Гранд“ во Стокхолм, Шведска, ќе го одржи својот годишен состанок.
– „Билдерберг“ е последната глобалистичка перјаница способна да повлече потези што би можеле да ги забават процесите во создавањето на новата светска архитектура. Според познавачот на состојбите меѓу билдерберзите, британскиот новинар Тони Гослинг, „билдерберзите годинава навистина се во мрак“ или, како што вели тој, „работат во токсичен балон“. Дневниот ред секако не се открива. Но Гослинг вели дека има две главни теми – Украина и Русија. Главното прашање не е како да се постигне мир, туку како да се продолжи да се војува против Русија. Па така, ќе се кројат планови како и колку оружје да им се даде на Украинците, да се градат нови фабрики за оружје, да се користат замрзнати руски средства. Од Стокхолм, кој некогаш беше престолнина на неутрална Шведска, треба да се испрати застрашувачка порака дека Европа е подготвена да војува. Либералите испраќаат милитантни пораки“ – вели Ивановски во својата тема, публикувана деновиве во „Нова Македонија“.
Групата „Билдерберг“ се состанува во хотелот „Гранд“ – Стокхолм
Околу 150 луѓе учествуваат на „тајниот состанок на ’Билдерберг’, оваа недела во хотелот ’Гранд‘ во Стокхолм“. Официјалниот организатор (букер) не е познат, но извори за некои шведски медиуми откриле дека станува збор за „елитна мрежа од ’Билдерберг груп‘“. Во шведската јавност беше откриено дека и премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, е еден од учесниците на состанокот на групата „Билдерберг“ во хотелот „Гранд“ во Стокхолм (што започна вчера). Ова е првпат по повеќе од две децении тајната елитна мрежа да се состане на шведска почва. Околу 100 „внимателно избрани светски лидери, бизнис-лидери и високорангирани академици“ се срќаваат на шведска почва. На влезот се поставени златни паравани за да блокираат физички контакт со високопрофилираните гости. Целосниот список на учесници е објавен до почетокот на состанокот. Навистина, во духот на состаноците на „Билдерберг“, кој ќе присуствува и што конкретно е на агендата сè уште е обвиткано во мистерија.
– Тоа е дискретна организација. Тие се стремат да имаат „безбеден простор“ и можеби има вредност во тоа, но јасно е дека нетранспарентноста ве тера да размислите за што се дискутира – вели Кристина Гарстен, авторка и професорка по социјална антропологија за шведскиот медиум TT.
Учесниците се таму како поединци – а не како претставници на партии или држави – што значи дека немаат мандат да донесуваат никакви извршни одлуки. Но она што можат да го направат е да соработуваат со своите мрежи и да ги отвораат прашањата, тие можат да ја обликуваат политичката агенда на овој начин, изјави за шведската јавност Кристина Гарстен, авторка и професорка по социјална антропологија.
Кој формат учесници се очекува да присуствуваат на состанокот на групата „Билдерберг“?
Според добро упатени странски дипломатски извори, би споменале неколку билдерберзи што би требало да бидат видени во Стокхолм: Ерик Шмит, американски милијардер од „Алфа“ (Гугл), Жозе Мануел Баросо, поранешен шеф на ЕК, Јенс Столтенберг, ексшеф на НАТО, Гидеон Рахман, британски новинар со длабоки и добри врски со МИ6, Радослав Сикорски, Омер Коч и Ахмет Бурла од „Фајзер“ и, секако, Марк Руте, актуелниот шеф на НАТО. Натаму, според британскиот новинар, Тони Гослинг, во Стокхолм се очекува да дојде и Илон Маск, кој влезе па ретерира од вербалниот конфликт со претседателот на САД.
Според мислењето на нашиот аналитичар и истражувач Ивановски, „за нас особено е интересно учеството на Руте, затоа што пред сѐ и над сѐ, десна рака му е нашата Радмила Шекеринска“. Во моментов немаме информации колку е таа вклучена во работата на „Билдерберг“, но можно е за неа да се отворат извесни канали на комуникација, па и давање соодветни оперативни задачи. Сепак, таа е во врвот. Ако НАТО е претставено на највисоко ниво во Стокхолм, каде што ќе се зборува за војување, за финансирање на украинската одбрана, за градење фабрики за оружје, тогаш антените во Македонија мораат да бидат вклучени, сите радари да бидат активни за да се фатат и најмалите шумови, кои можат да ни откријат – што планираат глобалистите и за нас. Конечната линија на раздвојување на идеолошкиот конфликт меѓу либералите заедно со глобалистите против суверенистите може да биде токму оваа – Европа да влезе во војна. И да го доживееме европскиот апсурд – десничарите да бидат против војна, а левичарите европските соколи, пишува деновиве во „Нова Македонија“ новинарот Христо Ивановски.
Шведските медиуми исто така потсетуваат за некои шведски граѓани што се најдоа на листата на учесници на состаноците на „Билдерберг“ во текот на годините. Имено, основачот на „Спотифај“, Даниел Ек, поранешната министерка за надворешни работи Ан Линде и претприемачот Маркус Валенберг биле присутни за време на минатогодишниот собир во Мадрид, кога се дискутираше за прашања како што се „Кина, Русија и Украина“, како и за „климата, вештачката интелигенција…“ итн.
Последниот состанок што се одржа во Шведска беше во 2001 година, кога билдерберзите се сретнаа во хотел на плажа во Стенунгсунд. Во тоа време беше присутен и тогашниот министер за трговија на Шведска, Леиф Пагроцки, заедно со Маркус Валенберг, меѓу другите.
Шведските медиуми пишуваат за „масовна безбедносна операција“ пред, за време и по состанокот на „Билдерберг“
Медиумите во Шведска сведочат за тоа дека „средбата е проследена со масовна безбедносна операција“. Веќе од вторникот, полицијата започна со изградба на бариери околу хотелот на Блазиехолмен во центарот на Стокхолм. Оградите заради обезбедување од потенцијални немири и бетонските бариери поставени пред него се физичките пречки што би требало да заштитат од навалица на толпа граѓани. Исто така, шведските медиуми пишуваат дека „дански полициски кучиња го претресоа хотелот од 48.000 квадратни метри“. Според шведскиот весник „Афтонбладет“, полицијата има посебно кодно име за оваа безбедносна операција, која е наречена „Ирис“. Полициската операција „Ирис“ ќе се одвива главно во внатрешниот дел на Стокхолм, но значајно е тоа дека до одреден степен ќе соработува и со шведската безбедносно-разузнавачка агенција „Сапо“. Н.М.
Неколку карактеристични аспекти за групата „Билдерберг“
Што е или која е групата „Билдерберг“?
Ако зборуваме за групата „Билдерберг“, првиот впечаток е дека се работи за тајна организација што собира високорангирани личности активно вклучени во одвивањето на јавните работи на Запад, со традиција од веќе 70 години. На годишните состаноци на групата „Билдерберг“ вообичаено се поканети и некои луѓе од други области, но се подразбира дека тие од јадрото се оние што се силни западни авторитети за да можат да наметнат своја агенда, ставови и мислења.
Групата „Билдерберг“ ја започна својата работа во 1954 година како антисоветски аналитички центар. Зад него стои НАТО (основано во 1949 година), во Америка беснее макартизмот (макартизам – практика на обвинувања за нелојалност, субверзивност и предавство без да се земе предвид постоењето докази; позната како втора црвена паника, која траела од крајот на четириесеттите до крајот на педесеттите години и е позната по стравот од опасноста од комунистичко влијание врз американските институции и советска шпионажа), се подготвува операцијата „Гладио (бидејќи Црвената армија била премногу силна за да смета на успех во отворениот конфликт, се започнува операција предводена од најдобрите офицери на ЦИА)…
Надвладина организација со три круга…
Обично се вели дека во „Билдерберг“ важат правилата на однесување на Чатам Хаус, англиска тајна група. „Кога состанокот, или дел од него, се одржува во согласност со правилата на Чатам Хаус, учесниците можат да ги користат информациите што ги слушнале, но ниту идентитетот ниту припадноста на говорникот или другите учесници не смеат да се откријат“. Дискусијата е неформална, позициите се директни. Но зад тајноста се крие солидна организација. Иако влијанието на масоните во светот очигледно е намалено, клубот „Билдерберг“ е организиран како масонска ложа – има три круга. Надворешниот круг, околу 80 проценти од учесниците, бил информиран за основните работи – стратегија, основни непосредни цели, им била чест да бидат поканети. Вториот круг, Управниот комитет, е управен комитет од 35 лица, повеќе посветен на специфични операции. И третиот круг, Советодавен комитет, 10 лица, солидно јадро. Тие управуваат со целата организација, формулираат теми за дискусија и заклучоци и имаат овластување меѓу сесиите да го спроведат она што е договорено. Бидејќи организацијата е тајна, не е лесно да се наведат резултатите, но тие јасно се залагаа Де Гол да биде отстранет од врховната власт во Франција во 1964 година, потоа влијаеја врз Ричард Никсон и Маргарет Тачер да бидат отстранети од власт, недисциплинирани членови како Алдо Моро (атентат во 1978 година) или Олоф Палме (атентат во 1986 година) поминаа лошо; Во 1971 година, тие иницираа дебата за „потребата од ослободување на доларот од неговата златна база“, тие одиграа слична улога во воспоставувањето на еврото (2002) како заедничка валута на ЕУ; Во 1971 година, истакнатиот член Хенри Кисинџер тајно отиде во Кина и иако беше државен секретар, не доби одобрение од американската држава; Во 1973 година, тие беа вклучени во големиот скок на цените на нафтата на светскиот пазар (од три на 12 долари за барел). Она што е познато како „Војна на ѕвездите“ на Реган (1983, Иницијатива за стратешка одбрана) за првпат беше дискутирано во клубот. Во 1989 година, претседателот на „Билдерберг“, Лорд Карингтон, осмисли план за ликвидација на СФРЈ, па во 1992 година тие го охрабрија подигнувањето на правото на заштита на човековите права на оперативно ниво (спречување таканаречена хуманитарна катастрофа) кога ја проценуваат, а тоа може да се искористи како причина за воена интервенција против оние што ги „кршат“ нивните процени, па во Торонто во 1996 година, билдерберзите сметаа дека е најдобро да ја бомбардираат СРЈ и да ја отцепат од Косово… Ќе го запомните името, оние што ја уништија суверената држава, основачот на ОН: Сајрус Венс, Ричард Холбрук, Садако Огата, Торвалд Столтенберг, Карл Билт… Сите беа во клубот. После тоа, координираните операции продолжија во Ирак, Либија, Сирија или Арапската пролет… Клубот „Билдерберг“ не е „влада во сенка“. Тие се надвладина организација, со глобални цели, која ги користи владите на земјите за да ја извршува работата што ја формулираат и иницираат. Затоа една од важните задачи е подготовка на персоналот што ќе управува со државите. Ова се спроведува со фактот дека многу „демократски лидери“ се поврзани членови на клубот, други се под притисок од организации или влади… И на многу лидери што ги знаеме им се доделени високи управувачки улоги бидејќи претходно поминале низ клубот „Билдерберг“ и биле избрани: Бил Клинтон, Тони Блер, Ангела Меркел, Барак Обама, Емануел Макрон, Урсула фон дер Лајен…
Сепак се „група моќни луѓе“
Едноставно кажано: „Билдерберг“ е група моќни луѓе што се организираат за да се договорат за контрола на клучните струи во светските односи и да обезбедат западно либерално влијание. Ваквата висока цел подразбира дека сите други работи што ги работат овие луѓе се подредени на таа цел. Тие се состануваат еднаш годишно, тајно, се собираат во просек од 130 до 150, неодамна се објавени списоците на учесници…
Тие сакаат да зборуваат за тоа како ова се неформални дискусии фокусирани на дијалогот за развојот на односите меѓу Европа и Северна Америка. Нивните одговори на „најчесто поставуваните прашања“ се банални и нецелосни. На пример, прашањето „зошто конференциите на ’Билдерберг‘ се толку критикувани“ беше одговорено на нивната веб-страница: „Состаноците на ’Билдерберг‘ се честа цел на протести против глобализацијата, а разни теоретичари на заговор изнесуваат груби тврдења за целта на овие состаноци. Иако овие обвинувања се без никаква основа, со жалење забележуваме дека многумина продолжуваат да ги шират на мрежите и преку социјалните медиуми“. Мејнстрим-медиумите се под контрола. Патем, разни други организации, несомнено прозападни, се комплементарни на оваа цел, а најслични на ’Билдерберг‘ се Трилатералната комисија и „Римскиот клуб“. Постојат некои разлики во однос на ангажманот и насоката на операциите, но клучните луѓе се исти насекаде. Н.М.