Протест во Техеран поради убиството на Исмаил Ханије / Фото: ЕПА

Ракетните напади ќе бидат столбот на секој ирански напад на Израел, тврдат воени аналитичари. Експертите за воени прашања исто така подвлекуваат дека „иранскиот одговор ќе биде комплексен“. Со поедноставни зборови, тоа би значело дека одговорот ќе биде симултан, од Иран, од Либан, но и од други околни земји…

Експерти јавно предупредуваат дека „нова војна на Блискиот Исток е повеќе од сигурна“

Во разговор за саудискиот канал Ал хадат, експертот за Иран и Централна Азија, Масуд ал Фак, како и директорот на Арапскиот центар за ирански студии, д-р Мохамед Салех Седгијан, изнесоа многу интересни ставови, анализирајќи ја сложеноста (обемот и деталите) за иранскиот напад врз Израел. Нивните ставови се исклучително интересни бидејќи тие веќе го антиципираат судирот како воен и почнат!
– Во основа сме на почетокот на патувањето. Иран сака да ги преиспита своите безбедносни и разузнавачки мерки за обновување на одвраќањето што исчезна како резултат на ликвидацијата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије. Причината за ова е што атентатот ја разоткри способноста на Израел да допре до кого било, и покрај максималните безбедносни мерки што Иран ги презеде за да ги заштити своите гости за време на инаугурацијата на новиот претседател – изјави за јавноста, преку телевизијата Ал хадат, експертот за Иран и Централна Азија, Масуд ал Фак.

Иран веќе води психолошко- пропагандна војна против Израел

Директорот на Арапскиот центар за ирански студии, д-р Мохамед Салех Седгијан, за телевизијата Ал хадат изјави дека Иран веќе започна психолошка и пропагандна војна против Израел, со цел да го збуни противникот и да го лиши од можноста да го предвиди времето на лансирање на ракетите. Тој подвлече дека ракетните напади ќе бидат столбот на секој ирански напад!
– Ми се чини дека одговорот на ова прашање е прашање од милион долари во моментот, но одговор секако ќе има. Кога и како ќе изгледа иранскиот одговор? До кој степен и на кое ниво? Не е лесно да се добијат одговори на овие прашања. Сепак, Иранците се категорични за силен и изненадувачки одговор што ќе го врати суверенитетот на Иран, кој беше нарушен од Израел кога го уби нивниот гостин Ханије – рече Седгијан.

Најава за симултан напад над Израел

Во анализата на д-р Мохамед Салех Седгијан, тој потсети дека „врховниот лидер на Иран, по нападот на иранскиот конзулат во Дамаск, побара од Револуционерната гарда „да го казни непријателот“. Според Седгијан, „има голема разлика помеѓу опомена и казна“!
– Сега врховниот лидер на Иран побара од Револуционерната гарда на Иран да го казнат Израел. Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, Мохамад Багери, рече дека одговорот на Иран ќе биде доволно силен за да го натера Израел да зажали. Во тој тон зборуваат и други високи функционери, без разлика дали се од Револуционерната гарда или од политичарите – подвлече во својот телевизиски настап д-р Мохамед Салех Седгијан.
„Што ќе биде? Кога? На кое ниво? Информациите откриваат дека иранскиот одговор ќе биде комплексен, што значи дека одговорот ќе биде симултан: од Иран, од Либан (затоа што таму беше нападнат центарот на Хезболах, во неговата домашна база во Дахија, и од Јемен, каде што беше нападнато пристаништето Ходеида), што се однесува до движењето Хути“, анализира д-р Седгијан.
– Ми се чини дека одговорот ќе биде сложен, изненадувачки, а исто така и силен, но како и кога, знаат само Господ и оние што знаат, меѓу кои не сум јас – заклучува Седгијан.
Од друга страна, регионалниот експерт Андреј Онтиков преку рускиот весник „Известија“ изјави за јавноста дека „израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху можеби намерно предизвикува ескалација со Иран“.
Ако Нетанјаху сега ја прекине операцијата во Појасот Газа, ќе се иницира истрага за причините за нападот од страна на Хамас што се случи на 7 октомври. Тој тврди дека во истрагата сигурно ќе се постави прашањето зошто имаше тешки пропусти во превенцијата и одбраната на Израел и израелските граѓани.
– Нетанјаху ризикува не само да ја загуби функцијата премиер туку и да заврши зад решетки – изјави Онтиков за руските медиуми. Р.С.