Иран мора да биде подготвен за војна, изјави потпретседателот на земјата, Мохамед Реза Ареф, како одговор на заканите за американска воена интервенција.
– Денес мора да бидеме подготвени за војна. Исламската Република Иран никогаш не започнала војна, но ако ѝ се наметне, ќе се брани со сила – изјави потпретседателот.
Во меѓувреме, поранешниот ирански премиер Мир Хосеин Мусави, централна фигура во протестното движење од 2009 година, денеска ги повика иранските лидери да се повлечат по „злосторството“ што тој го нарече задушување на протестите.
– На кој јазик треба народот да ви каже дека не го сака овој систем и не им верува на вашите лаги? Доста“ – рече Мусави, кој е во домашен притвор од 2011 година, во соопштение објавено од неговиот медиум Каламех.
Поранешниот премиер тврдеше дека ги добил претседателските избори во 2009 година против тогашниот претседател Махмуд Ахмадинеџад, верувајќи дека победата на ултраконзервативниот лидер е резултат на манипулација, што предизвика огромни протестни собири во негова поддршка, познати како „Зелено движење“.
Во својата изјава, Мусави го опиша задушувањето на протестите овој месец, кои се сметаат за најголемото протестно движење во Иран од 2009 година, како „црна страница во историјата на нацијата“ и „големо предавство и злосторство“.
Мусави рече дека Иранците „немаат друг избор“ освен повторно да протестираат сè додека безбедносните сили „порано или подоцна не одбијат да продолжат да го носат товарот“ на репресијата.
– Спушти го оружјето и напушти ја власта за самата нација да може да ја води земјата кон слобода и просперитет – повика тој.
Иранските безбедносни сили во цивилна облека приведоа илјадници луѓе во кампања на масовни апсења насочени кон спречување на понатамошни протести.
Неколку дена по задушувањето на протестите во Иран, припадниците на безбедносните сили започнаа кампања на масовни апсења, придружени со големо присуство на улиците, особено околу контролните пунктови, изјавија пет активисти, зборувајќи под услов на анонимност. Тие рекоа дека уапсените се чуваат на тајни локации.
– Тие притвораат неселективно. Никој не знае каде ги водат притворените. Со овие апсења и закани, тие се обидуваат да всадат страв во општеството – рекоа активистите.
Слични извештаи стигнаа од адвокати, медицински лица, очевидци и двајца ирански функционери, кои зборуваа под услов на анонимност за да се заштитат од одмазда.
Тие рекоа дека апсењата се чини дека имаат за цел да спречат повторно оживување на протестите, сеејќи страв во време кога властите во Иран се под зголемен надворешен притисок.
































