Иранскиот парламент разгледува закон за суспендирање на соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) – изјави денеска Руколах Мотефакерзадех, еден од потпретседателите на парламентот – објавија иранските државни медиуми.
Британските медиуми пренесуваат дека во денешните извештаи, иранските медиуми наведуваат дека се огласил и претседателот на Парламентот, Мохамад Бакер Калибаф, кој рекол дека „пратениците се стремат да донесат закон со кој би се суспендирала соработката на Иран со МААЕ сè додека не се обезбедат објективни гаранции за професионалното однесување на оваа меѓународна организација“.
Претседателот на иранскиот Парламент додаде дека официјален Техеран не се стреми да развие нуклеарно оружје.
-Светот јасно виде дека Агенцијата за атомска енергија на ОН не ги исполнила своите обврски, туку станала политичка алатка – додаде Калибаф.