За иранските воени капацитети
- Западните сили го сметаат иранскиот балистички ракетен арсенал за конвенционална воена закана за стабилноста на Блискиот Исток и потенцијален механизам за испорака на нуклеарно оружје, доколку Техеран некогаш одлучи да го развие. Иран, пак, постојано негира дека има намера да изработи атомски бомби. За потсетување, балистичкиот проектил е ракетно оружје што се наведува во фазата на искачување, а потоа најголемиот дел од летот го минува по патека на слободен пад, носејќи боеви глави со конвенционален експлозив или, потенцијално, биолошко, хемиско или нуклеарно полнење. Каков арсенал всушност поседува Иран?
Според анализа на британскиот весник „Индипендент“, Иран располага со најголеми резерви на балистички проектили на Блискиот Исток, повикувајќи се на податоци од американското Биро на директорот на националната разузнавачка служба. Техеран има проекции дека поседува оружје со максимален дострел од 2.000 километри, што иранските функционери го објаснуваат како доволно за одбрана на земјата, бидејќи со тој радиус можат да го погодат Израел. Голем дел од ракетните погони се наоѓаат во Техеран и во неговата околина. Познати се најмалку пет подземни „ракетни града“ во различни провинции, меѓу кои Керманшах и Семнан, како и во близината на регионот на Персискиот Залив.
Клучните системи – „шахаб“ и „сеџил“
Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, иранскиот арсенал опфаќа повеќе ракети со долг дострел што можат да стигнат до Израел. Меѓу нив се:
· „сеџил“ – дострел околу 2.000 км
· „емад“ – 1.700 км
· „гадр“ – 2.000 км
· „шахаб-3“ – 1.300 км
· „хорамшахр“ – 2.000 км
· „ховејзех“ – 1.350 км
Новинската агенција ИСНА во април 2025 година објави графика со девет ирански ракети за кои тврди дека можат да го погодат Израел. Меѓу нив се „сеџил“, за кој се наведува дека може да достигне брзина поголема од 17.000 километри на час и дострел од 2.500 километри; „кејбар“ со 2.000 км; и „хаџ касем“ со 1.400 км.
Вашингтонското здружение „Армс контрол асосиејшн“ наведува дека иранскиот арсенал вклучува:
· „шахаб-1“ – околу 300 км
· „золфагар“ – 700 км
· „шахаб-3“ – 800–1.000 км
· „емад-1“ (во развој) – 2.000 км
· модел „сеџил“ (во развој) – 1.500–2.500 км
Колкава е реалната бројка?
Израелски функционери проценија дека на крајот од 12-дневната војна во јуни 2025 година, Иран располагал со околу 1.500 проектили и 200 лансери, но до крајот на годината биле забележани знаци дека Техеран работи на обновување на резервите. Американските разузнавачки процени пред конфликтот говореле за 2.000-2.500 ирански ракети. Арсеналот вклучува проектили на цврсто гориво што имаат предности во одржувањето и долговечноста и проектили на течно гориво, кои обезбедуваат поголем потисок и сила. Во извештај до американскиот Конгрес, Томас Клејтон и Даниел Гетингер оценуваат дека „Иран продолжува да ги зголемува смртоносноста и прецизноста на своите домашно произведени ракетни и беспилотни системи“ и дека „располага со најголеми резерви од ваков тип во регионот“.
Прецизноста под прашалник
И покрај растечкиот број системи, дел од западните аналитичари укажуваат дека досегашните ирански напади покажале релативно ниска прецизност и проблематичен квалитет на ракетите. Во 12-дневната војна со Израел во јуни 2025 година, Техеран испали балистички ракети кон израелска територија, при што загинаа десетици луѓе и беа уништени објекти. Институтот за проучување на војната (ИСВ) и Проектот за критични закани на АЕИ проценија дека Израел „веројатно уништил околу една третина од иранските ракетни лансери“ за време на судирот. Иранските власти тврдат дека земјата закрепнала од нанесената штета. Иран одговори и на американското учество во израелската воздушна кампања со лансирање проектили кон американската воздухопловна база Ал удеид во Катар. Техеран претходно предупредил, а жртви немало. Неколку часа подоцна, Вашингтон објави прекин на огнот.
Ракетите како инструмент на регионална политика
Иранската револуционерна гарда употреби ракети и во јануари 2024 година, кога, според нејзините тврдења, погодила израелско „шпионско седиште“ во полуавтономниот ирачки регион Курдистан, како и цели на Исламската држава во Сирија. Техеран најави и напади врз две бази на милитантна група во пакистански Белуџистан. Саудиска Арабија и САД тврдат дека Иран стоел зад нападот со дронови и ракети врз саудиските нафтени постројки во 2019 година – обвинение што Техеран го негира. Во 2020 година, Иран лансираше ракети кон сили предводени од САД во Ирак, како одмазда за американскиот напад со дрон во кој беше убиен генерал-мајор Касем Солејмани. Техеран тврди дека неговите балистички ракети претставуваат средство за одвраќање и одмаздничка сила против САД, Израел и други потенцијални регионални противници.
Подземни лансери, „реверзен инженеринг“ и хиперсонични амбиции
Според извештај од 2023 година на Бенхам Бен Талеблу од американската Фондација за одбрана на демократиите, Иран продолжува да развива подземни складишта со транспортни и лансирни системи, како и центри за производство и складирање. Во 2020 година, земјата првпат лансирала балистичка ракета од подземен објект. Во извештајот се наведува дека „години на реверзен инженеринг и производство на различни класи ракети му овозможиле на Иран да го продолжува трупот на проектилите и да користи полесни композитни материјали за зголемување на дострелот“. Во јуни 2023 година, Иран претстави, според официјалната агенција ИРНА, своја прва домашна хиперсонична балистичка ракета. Хиперсоничните ракети летаат најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот по сложена траекторија, што ги прави исклучително тешки за пресретнување. „Армс контрол асосиејшн“ оценува дека иранската ракетна програма во голема мера се потпира на севернокорејски и руски дизајни и дека имала корист и од кинеска помош. Покрај балистичките системи, Иран располага и со крстосувачки ракети како рускиот „кх-55“, воздушно лансирано оружје со дострел до 3.000 километри, иако иранските воздухопловни сили се сметаат за релативно слаби и застарени.
Меѓу одвраќањето и неизвесноста
Иранскиот ракетен арсенал претставува клучен столб на стратегијата за одвраќање на Техеран. Додека иранските власти го претставуваат како одбранбен штит, западните земји го гледаат како фактор на нестабилност и потенцијална закана доколку се спои со нуклеарна програма. Прашањето што останува отворено не е само колкави се вистинскиот број и квалитет на ракетите туку и колку тие навистина се прецизни и оперативно ефикасни и дали нивната улога ќе остане во доменот на одвраќање или повторно ќе стане средство за директна воена ескалација во регионот. Р.С.

































