Фото: принтскрин/јутуб

Иранските вооружени сили соопштија дека извршиле напади со беспилотни летала врз рафинерии и складишта за гориво во израелскиот град Хаифа, како одговор на, како што наведуваат, „нападите врз нафтените постројки во Иран“ – пренесоа иранските медиуми.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираа дека е регистрирано ново лансирање ракети од Иран, што е прв ваков сигнал од почетокот на денот. Според нив, нападот бил насочен кон централниот дел на Израел.

Жителите во најгусто населените области добиле итни предупредувања на своите мобилни телефони за можен воздушен напад, а аларм се огласил и во Тел Авив и неговата околина. Според извештаите, биле слушнати и експлозии.

Иран во неделата започна нови напади врз Израел и врз земји од Персискиот Залив, со што дополнително се зголемија тензиите на Блискиот Исток. Конфликтот веќе предизвика раст на цените на нафтата и влијание врз глобалните економии – објави „Асошиејтед прес“.

Во Ирак, пет проирански борци биле убиени во воздушен напад. Рано утрово во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати и во Бахреин се огласиле сирени за воздушна опасност. Саудиска Арабија соопшти дека соборила два дрона над источниот дел на земјата богат со нафта, додека вооружените сили на Кувајт информираа дека уништиле шест беспилотни летала.

Покрај ракетните и дронските напади врз Израел и американските бази во регионот, Иран нападнал и енергетска инфраструктура. Овие дејствија, заедно со контролата врз Ормутскиот Теснец, придонесоа за дополнителен раст на цените на нафтата.