Фото: ЕПА

Техеран се подготвува за одмазда откако Израел денеска започна напади врз Иран, а одговорот ќе биде „разорен“, изјавил ирански функционер, пренесуваат регионалните медиуми.

Новинската агенција Фарс објави дека се слушнале најмалку три експлозии во централниот дел на Иран. Експлозии биле пријавени и северно и источно од Техеран, како и во градовите Исфахан, Карај и Керманшах.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека Израел започнал превентивен напад со цел да ги отстрани безбедносните закани кон земјата, при што е прогласена вонредна состојба на целата територија.

-Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја – изјави Кац, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Според израелски безбедносен извор, нападите претставуваат заедничка американско-израелска операција која била планирана со месеци однапред. Неименуван израелски функционер навел дека датумот за операцијата бил утврден пред неколку недели.