Иран ја претстави најновата верзија на својот камиказе дрон на воената парада во Техеран – објави „ДПА“.
Државната телевизија „ИРИБ“ денеска објави дека дронот „Шахед 136-Б“ има домет од 4.000 километри и е еден од најнапредните дронови во светот.
Иран тврди дека направил голем напредок во производството на дронови во последните години. Се вели дека тие играат централна улога за рускиот агресор во војната во Украина, иако Техеран категорично ги отфрла обвинувањата дека ја снабдува Москва со оружје за нејзината инвазија на Украина – наведува германската агенција.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека земјата работи со Москва на воено ниво, но тврди дека тоа не е поврзано со војната во Украина.
Техеран, исто така, вели дека секогаш се залагал за брз крај на војната во Украина и тврди дека ги поддржувал дипломатските мировни иницијативи.