Техеран синоќа побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради завчерашниот напад на Израел врз Иран, соопшти иранската мисија во Обединетите нации.
– Исламската Република Иран бара од претседателот на Советот за безбедност да свика итен состанок за да разговара за ова сериозно прекршување и незаконски дејствија и да го изведе овој криминален режим пред лицето на правдата – се вели во писмото на постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Саид Иравани.
Тој го упати писмото до актуелниот претседател на Советот за безбедност на ОН, швајцарскиот претставник Паскал Кристин Берсвил и генералниот секретар Антонио Гутереш.
За време на израелскиот напад врз Иран, кој траеше пет часа, гаѓани биле 20 цели во таа земја, а загинаа четворица војници.
Серија експлозии се слушнале во околината на Техеран веднаш откако израелската војска објави дека се водат напади врз воени цели во Иран како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври.