Иран не започнал војна против САД и Израел и не сака таа да продолжи на кој било начин, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
Во интервју за американскиот новинар Такер Карлсон, објавено денеска, Пезешкијан нагласи дека од почетокот на неговиот мандат, мотото на иранската администрација е да се зачува националното единство во Иран и да се развива мир и пријателски односи со соседните земји и остатокот од светот.
Одговарајќи на прашањето на Карлсон дали Иран е подготвен да се откаже од својата нуклеарна програма во замена за мир, Пезешкијан истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху создава лажна нарација според која Иран се обидува да изгради нуклеарна бомба.
-Нетанјаху создава лажна слика од 1984 година дека Иран се обидува да изгради бомба, тоа му го кажува на секој американски претседател. Но, вистината е дека никогаш не сме развиле и никогаш нема да развиеме нуклеарна бомба, бидејќи тоа е погрешно и спротивно на религиозен декрет, фатва издадена од иранскиот врховен лидер. Значи, спротивно на нашата религија е да се гради нуклеарна бомба. Ова е потврдено и во рамките на нашата соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). За жал, нашата соработка со МААЕ е нарушена од нелегални напади врз нашите нуклеарни објекти – рече Пезешкијан.
Кога беше прашан дали Иран ќе им дозволи на другите земји да потврдат дека Техеран не работи на создавање атомска бомба, Пезешкијан истакна дека Иран моментално преговара со САД и дека во рамките на овој процес на преговори, на Иран му било кажано дека Израел нема да го нападне Иран без американска дозвола.
-Наскоро ќе има нови рунди преговори, но во овие моменти, Израел го изврши нападот. На овој начин, тие целосно ги уништија нашите дипломатски односи. Иран е подготвен да разговара за надворешен мониторинг на нашата нуклеарна програма, ние сме подготвени тоа да се случи. За жал, по американските напади врз нашите објекти, многу делови од опремата се тешко оштетени и не можеме да им пристапиме, па затоа мониторингот не може да се одвива – смета Пезешкијан.
Тој изрази верување дека Иран и САД можат да ги решат своите разлики преку дијалог и разговори, но дека Нетанјаху „ги уништи сите дипломатски напори“.
-Секако, ние се стремиме кон мир, но повторувам дека нашиот народ е подготвен да се брани од какви било напади. И верувам дека американскиот претседател може да го води регионот и светот кон мир и безбедност – рече Пезешкијан.
Тој оцени дека „злосторствата на ционистичкиот режим“ на Израел против Иран и другите земји во регионот доведоа до криза на Блискиот Исток.
-Нашите команданти не беа на должност, тие беа со своите семејства и сите беа убиени. Ова е воено злосторство. Тие (Израел) убија и бремени жени, жени и деца. Ја уништија целата зграда за да убијат едно лице. Како можеме повторно да им веруваме на САД? Ако повторно влеземе во преговори, како можеме да знаеме дека на Израел нема да му биде дозволено повторно да нè нападне? – рече Пезешкијан.
Иранскиот претседател изјави дека Израел се обидел да го убие, но исто така нагласи дека тој, ниту кој било друг ирански функционер, се плашел да умре за слободата и независноста на Иран.
Тој рече дека Израел се обидел да го бомбардира местото каде што Пезешкијан требало да одржи состанок, додавајќи дека израелските атентати врз ирански функционери придонеле за солидарност и единство во Иран.
-Мојот предлог е американската администрација да не се вклучува во војната. Ова не е нивна војна, туку војна на Нетанјаху со ѓаволски махинации за целиот регион. Неговата агенда е војната да трае бесконечно. Предлагам Америка да не му дозволи на Нетанјаху да ја вовлече во таква војна – рече Пезешкијан.