Иранските власти вчера одлучија да го ревидираат Законот за задолжително покривање на жените, донесен во 1983 година, четири години по Исламската револуција.
Иран најави дека ќе ја укине моралната полиција, која ја уапси Махса Амини поради непочитување на кодексот за облекување и чија смрт во притвор предизвика протести ширум Иран.
– Моралната полиција ја укинаа оние кои ја создадоа – изјави синоќа иранскиот државниот обвинител Мохамед Џафар Монтазери.
Најавата за укинување на моралната полиција се оценува како отстапка за демонстрациите, што траат речиси три месеци, на кои жените го соблекуваат и палат хиџабот. Моралната полиција ја уапси Амини на 13 септември, обвинувајќи ја за непочитување на строгиот кодекс на облекување на Исламската Република. Нејзината смрт беше објавена три дена подоцна. Активистите и нејзиното семејство тврдат дека Амини починала откако била претепана во затвор.
Моралната полиција, позната како Гашт-е Ершад беше формирана за време на мандатот на ултраконзервативниот претседател Махмуд Ахмадинеџад за „да ја шири културата на пристојност и хиџабот“.
Полициските сили се состојат од мажи облечени во зелени униформи и жени со хиџаб, а единицата своите први патроли ги почна во 2006 година.
Улогата на моралната полиција се менуваше со текот на годините, но таа отсекогаш била тема која предизвикува поделби, дури и меѓу претседателските кандидати. Кога умерениот претседател Хасан Рохани беше на власт, жените во Иран можеа да носат тесни фармерки и шарени шамии.
Сепак, ултраконзервативниот Ебрахим Раиси, кој стана претседател во јули, повика на мобилизација на „сите институции за зајакнување на законот за носење превез“ бидејќи „непријателите на Иран и исламот сакаат да ги поткопаат културните и верските вредности на општеството со ширење неморал“.
Моралната полиција има право да апси жени кои го прекршуваат строгиот кодекс на облекување на Иран. Според законот кој е во сила од 1983 година, Иранките и жените од странство, без разлика на религијата, мора да носат превез и широка облека на јавни места.