Фото: Пекселс

Советникот на иранскиот ајатолах Али Шамкани изјави дека Техеран е подготвен да го прифати договорот со САД за иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите.

Тој за американската телевизија „Ен-би-си њуз“ (NBC News) наведе дека Иран ќе се обврзе да не произведува нуклеарно оружје, да ги отстрани резервите со високо збогатен ураниум, да збогатува ураниум само до нивоа неопходни за цивилна употреба и да им дозволи на меѓународните инспектори да го следат процесот во замена за итно укинување на сите економски санкции.

Шамкани наведе дека Иран би потпишал договор со САД доколку бидат исполнети условите.

– Сè уште е можно. Ако Американците го направат тоа што го кажуваат, дефинитивно можеме да имаме подобри односи – истакна Шамкани.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп усвои политика на „максимален притисок“ врз Иран и воведе нови санкции додека преговара со Техеран. Трамп вчера побара строго спроведување на американските санкции кон Иран, но во исто време изрази надеж за постигнување нуклеарен договор.

Трамп на 7 март испрати писмо до иранските власти предлагајќи преговори со цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција. Иранските власти одговорија дека се против директни преговори под „максимален притисок и закани“, но оти се отворени за индиректни контакти.

Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.