Фото: ЕПА

Иранската државна радио-телевизија потврди дека иранската армија лансирала ракети кон американски бази на Блискиот Исток, поточно во Катар и во Ирак. Според американски медиуми, експлозии одекнуваа над Доха и над Лусаил, вториот по големина град во Катар. Најмалку 10 ракети се испукани кон Катар и најмалку една кон Ирак.
Како што беше нагласено, Корпусот на Исламската револуционерна гарда објави дека операцијата се нарекува „Добри вети за победа“ (Beshart-e-Fath).
„По јасната воена агресија на криминалниот режим на САД врз нуклеарни објекти за мировни цели на Исламската Република Иран и јасното кршење на меѓународното право, под водство на Врховниот совет за национална безбедност и раководството на Централниот штаб на Хатам ал-Анбија (ПБУХ), Корпусот на Исламската револуционерна гарда…ја таргетираше базата Ал-Удеид во Катар со разорен и моќен ракетен напад. Оваа база е седиште на воздухопловните сили и најголема стратешка предност на американската терористичка армија во регионот на Западна Азија“, објавија тие.

Пентагон наведува дека нема жртви по иранскиот ракетен напад врз базата Ал-Удеид во Катар. Имено, американското Министерство за одбрана потврди дека Иран денеска истрелал повеќе балистички ракети со краток и среден дострел кон воздухопловната база Ал-Удеид во Катар, пренесе ДПА.

„Во овој момент нема извештаи за жртви од страна на САД“, се наведува во соопштението на Пентагон, додавајќи дека „внимателно ја следиме оваа ситуација.“

ДПА потсетува дека Катар претходно соопшти дека неговата воздушна одбрана успешно ги пресретнала иранските ракети.

Администрацијата на Трамп очекувала иранска одмазда

Висок функционер на Белата куќа изјави за Си-ен-ен дека администрацијата на Трамп очекувала Техеран да возврати по американските напади врз нуклеарните постројки на Иран во текот на викендот, но дека претседателот Трамп не сака понатамошна воена ескалација во регионот.

„Знаевме дека ќе возвратат. Тие реагираа слично по убиството на Солејмани“, вели функционерот, осврнувајќи се на иранскиот генерал Касем Солејмани, кој беше убиен од Американците во воздушен напад во 2020 година.

Според првичните проценки, ракетите испукани од Иран не ги погодиле своите цели. Министерството за одбрана на Катар објави дека неговите ПВО пресретнале ирански ракетен напад врз американската база во таа земја.

Истиот функционер рече дека претседателот Трамп е подготвен да го зголеми американското воено присуство доколку е потребно. Трамп закажа состанок со претставници за национална безбедност за денеска попладне и не е исклучено дека би можел да го промени својот став, наведува медиумот.


Саудиска Арабија најостро го осуди Иран за „неоправданиот“ напад врз Катар

Саудиска Арабија вечерва го осуди Иран за неговиот денешен „неоправдан“ напад врз американската база во Катар, нудејќи распоредување на „сите свои капацитети“ за да ја поддржи Доха, со која имаше затегнати односи во минатото.

Официјален Ријад соопшти дека „најостро ја осудува агресијата што ја започна Иран против сестринската држава Катар… Ова е неприфатливо и неоправдано под никакви околности. Кралството ја потврдува својата солидарност и целосна поддршка за Катар и му ги нуди сите свои капацитети за да ја поддржи сестринската држава Катар во сите мерки што ќе ги преземе“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.