Фото: Пекселс

Иран сака да постигне „мирен“ нуклеарен договор со САД за решавање на децениски спор, но нема да ја загрози својата национална безбедност – изјави денеска иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Саид Хатибзаде.

Хатибзаде на 12-тата Стратешка дебата во Абу Даби изјави дека Вашингтон му испраќа на Техеран контрадикторни пораки за нуклеарните разговори преку трети земји.

-Техеран не бара нуклеарни бомби и подготвен е да го убеди светот во тоа. Ние сме многу горди на нашата домашна нуклеарна програма – рече Хатибзаде.

Тој го обвини Вашингтон за „предавство на дипломатијата“ и дека преговорите за нуклеарната програма на Иран се прекинати по 12-дневната војна со Израел во јуни, во која на крајот беа вклучени САД, кои бомбардираа три ирански нуклеарни објекти, Фордоу, Натанц и Исфахан, на 22 јуни.

САД, нивните европски сојузници и Израел го обвинуваат Техеран дека ја користи својата нуклеарна програма како покритие за напорите за развој на капацитет за нуклеарно оружје, додека Иран вели дека неговата нуклеарна програма е само за мирни цели.

Во октомври, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД сакаат да постигнат договор со Иран кога Техеран ќе биде подготвен за тоа. Двете земји одржаа пет рунди нуклеарни разговори пред 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни.