Како реагираше на тоа Македонија? Имено, заради создавање предуслови за олеснување на трговската размена на нашата земја со САД,
нашите соговорници – експерти за царинско работење, нѐ потсетија дека „неодамна Македонија донесе еднострани преференцијални мерки за стоките со т.н. американско преференцијално потекло при увоз во нашата држава“.
Тоа значи дека овие стоки, со потекло од САД, при увоз во Македонија се ослободени од царински давачки. Всушност, ова беше првиот од низата чекори со кои Македонија се надева дека, при разгледување на новите царински тарифи од страна на Вашингтон, ќе издејствува поповолна позиција при трговската размена… Сепак, Македонија не се откажува од крајната цел во односите со САД во тој домен, имено заеднички договор за слободна трговија со САД
Како новите царински политики на најголемата светска економија ќе влијаат врз ГЛОБАЛНАТА економија
По силната најава на претседателот на САД дека ќе воведе високи царински давачки за производи што се увезуваат во САД од најголем дел од земјите во светот, економистите и бизнисмените реагираат загрижено. Неговата најава за воведување 30, 40, па дури и 60 отсто царини за одредени земји ги стресе берзите, кои уште следниот ден имаа голем пад во тргувањето.
Во меѓувреме, првиот човек на најсилната економија неколкупати ја одложуваше примената на царините, а исто така тимови од САД и земјите засегнати со најавените царини преговараат за да се најде решение.
Иако за краен датум беше поставен 9 јули, по што требаше да почне примената на новите царински стапки (царинска тарифа).
Ваквата неизвесност создава голема забуна кај бизнисмените, особено кај инвеститорите што имале планови за нови инвестиции, па промените во царинските стапки (како еден вид данок) може да ги одложат овие планови, дури и да ги променат инвестициските планови.
Како ќе влијае тоа врз Македонија
За домашните економски експерти, и одложувањето има големо влијание врз светските економски текови, но дополнуваат дека Македонија во ниеден случај не може да се смета за имуна иако бројот на инвестиции од САД е мал.
– Одложувањата на американските царини создаваат силна неизвесност на глобално ниво, што влијае врз одлуките на инвеститорите. Иако самите царини сè уште не се применети во целост, самата најава и честите промени на роковите го нарушуваат деловното планирање. Инвеститорите се претпазливи во вакви услови и многу често одложуваат одлуки или ги пренасочуваат инвестициите кон помалку ризични пазари – укажува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Тој за „Нова Македонија“ појаснува дека тоа што нашата соработка не е толку голема со Америка како со европските земји, воопшто не значи дека ќе поминеме полесно од другите земји.
– Иако Македонија има релативно мал обем на директни инвестиции од САД, влијанието се чувствува индиректно – преку трговијата и инвестициските врски со ЕУ. Ако европските економии бидат погодени од овие тензии, тоа се пренесува и врз нас, преку извозот и производствените синџири. Затоа, дури и како мала и отворена економија, не сме имунизирани од глобалните трговски неизвесности – напоменува Петрески.
Во таа смисла, заради создавање предуслови за олеснување на трговската размена на нашата земја со САД, нашите соговорници – експерти за царинско работење, нѐ потсетија дека „неодамна Македонија донесе еднострани преференцијални мерки за стоките со т.н. американско преференцијално потекло, при увоз во нашата држава“.
Тоа значи дека овие стоки, со потекло од САД, при увоз во Македонија се ослободени од царински давачки.
Всушност, ова беше првиот од низата чекори со кои Македонија се надева дека, при разгледувањето на новите царински тарифи од страна на Вашингтон, ќе издејствува поповолна позиција при трговската размена.
Меѓутоа, домашни експерти нагласуваат дека треба (од страна на САД) да бидат забрзани процесите за усогласување на техничко-административните аспекти за примена на споменатата одлука.
Светските економисти со скептицизам гледаат на новите најави
Светските бизнисмени и економисти велат новиот потег на Трамп и на неговата администрација беше очекуван. Дел од економистите велат ова веќе стана традиција, Трамп се заканува дека ќе воведе огромни давачки на широк спектар американски увозни производи, но потоа се откажува.
– Тој нè насочува кон катастрофа, а потоа – во последен момент – нè насочува подалеку од катастрофата и вели: Видете, јас ве спасив – изјави за американската експертска јавност Мајкл Блок, пазарен стратег во „Трид севен капитал“.
Аналитичарите укажуваат дека оваа тактика на Трамп станува пракса и посочуваат дека тој веќе најави до небо високи тарифи за Денот на ослободувањето, што ги вознемири инвеститорите, убедувајќи многумина дека рецесијата е неизбежна.
Но потоа додаваат дека паниката на пазарот – и кај акциите и кај обврзниците – беше толку интензивна што го убеди Трамп да се повлече. Тој нагло ги замрзна тие „реципрочни“ тарифи 90 дена, започнувајќи епско закрепнување на пазарот, кое продолжува и денес.
Но економистите укажуваат дека по новите најави, односно на последните очекувања за воведување на царините, американските акции повторно паднаа, особено по писмата испратени до Јапонија, Јужна Кореја и до десетина други земји за кои диктираше тарифите да стапат во сила на 1 август. Но продажбата не беше драматична. Тоа беше скромно (и веројатно задоцнето) повлекување од рекордните максимуми.
– Пазарите едвај се помрднаа во вторник, бидејќи Трамп вети дека ќе воведе царина од 50 отсто на бакарот, предложи царина до 200 проценти на фармацевтските производи и вети царина од 10 отсто за Бразил, Кина, Индија, Русија и за другите членки на економскиот клуб БРИКС.
На крајот на краиштата, никој навистина не очекува дека повеќето од овие тарифи ќе стапат во сила.
– Трговијата со TACO сè уште е во очекување на пазарот – рече Ед Милс, аналитичар за политика од Вашингтон во „Рејмонд Џејмс“. Е.Р.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување царина од 30 проценти за стоки од ЕУ
Тежок удар за ЕУ, за Ирска, Германија, Франција…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави воведување царина од 30 проценти за стоки од Европската Унија (и Мексико). Тоа ги заострува трговските односи меѓу САД и ЕУ. Царините ќе стапат во сила на 1 август.
Но државите од Европа не се сите еднакво изложени на американскиот пазар и затоа нема да ги сносат истите последици ако претседателот Доналд Трамп ги спроведе своите закани и воведе царини од 30 проценти за Европската Унија (ЕУ).
Кои се најзагрозени земји од Европа?
1. Ирска
Со својата фармацевтска индустрија, Ирска е прва на линијата на ударот.
Ирска има најголем суфицит од членките на ЕУ, 86,7 милијарди долари, главно благодарение на присуството на водечките американски фармацевтски компании, кои го имаат корпоративниот данок од 15 проценти, кој во САД е 21 процент.
Овие компании ги регистрираат своите патенти во Ирска и ги продаваат на американскиот пазар, каде што цените на лековите традиционално се повисоки отколку во остатокот од светот.
Ирска е исто така домаќин на европското седиште на американските технолошки гиганти.
Според Евростат, фармацевтските производи сочинуваат 22,5 проценти од извозот на ЕУ во САД, при што главните играчи најавуваат големи инвестиции во САД.
2. Германија
Втора е Германија, за која САД се главен пазар за автомобили, челик и машински алати.
Германија е под посебен притисок поради нејзината зависност од извозот – земјата има трговски суфицит со САД од 84,8 милијарди долари, главно благодарение на автомобилската, хемиската, челичната и машинската индустрија.
Федерацијата на германски индустрии (БДИ) инстантно реагираше на објавата на Трамп и ги повика ЕУ и САД „брзо да најдат решенија и да избегнат ескалација“.
3. Франција
Трета е Франција, која има 16,4 милијарди долари суфицит трговска размена со САД. Франција има компании што извезуваат во САД производи за воздухопловство, потоа храна, но и вино и луксузни стоки, кои со новите царини ризикуваат да ги изгубат американските пазари поради ценовна неконкурентност.
Околу една петтина од извозот на Франција во САД оди во воздухопловната индустрија, поголемиот дел од него во „Ербус“.
– Воведувањето царини од 30 проценти за европскиот извоз во САД би било катастрофа за францускиот сектор за вино и жестоки пијалаци – објави локалниот синдикат на земјоделците. Во ситуација кога вината и жестоките пијалаци веќе се соочуваат со огромни тешкотии, тоа би било катастрофа за целиот сектор, се вели во соопштението на француските винари.
4. Италија
Италија е со трговски суфицит со САД од 44 милијарди долари. И во оваа земја, како и во Франција, прехранбената и винската индустрија би биле значително погодени. Сличен е случајот и со Шпанија.
Главното земјоделско здружение на Италија изјави дека царините од 30 проценти би ги чинеле американските потрошувачи и италијанските производители на храна околу 2,3 милијарди долари.
Според Бирото за економски анализи на САД, „ЕУ како целина има годишен трговски суфицит со САД од 235,6 милијарди американски долари“.